Богородично правило

Богородично правило
Напомена: Според преданието, ова Правило го дала самата Пресвета Богомајка со Своето јавување, заветувајќи дека ќе има особен удел во спасението на секој кој ќе го твори ова Правило. Според преданието, овој начин на молитвено почитување на Богомајката некогаш бил многу прифатен меѓу христијаните.

Ова предание го обновил Свети Серафим Саровски, давајќи им го на многумина што доаѓале кај него за благослов, за да го поддржуваат ова Правило. Во келијата на Светителот биле пронајдени писма што сведочеле за многу чуда што се случувале од Пресвета Богородица на оние што го исполнувале ова Правило.

Познато е како Богородичното правило го вршел владиката Серафим (Ѕвездински). Вршејќи го, тој се молел за целиот свет и со својата молитва го опфатил целиот живот на Царицата Небесна, сите 15 основни скалила во Нејзиниот живот. Тие по ред се спомнуваат со секоја десетка од молитвата. По секоја десетка се читаат дополнителни молитви.

Се чита секој ден 150 пати (15 пати по десет):
Богородице Дево, радувај се Благодатна Маријо, Господ е со Тебе. Благословена си Ти меѓу жените и благословен е Плодот на утробата Твоја, зашто Го роди Спасителот на душите наши.

По секоја десетка треба еднаш да се прочита:
Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде Царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата; лебот наш насушен дај ни го денес; и прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници; и не воведувај нè во искушение, но избави нè од лукавиот.
Потоа:
Отвори ни ги дверите на милосрдието, Благословена Богородице, за да не пропаднеме ние кои во Тебе се надеваме, туку преку Тебе да се избавиме од беди, зашто Ти си спасение на родот христијански.
Прва десетка
Се повторува молитвата „Богородице Дево…“ (10 пати).
Се сеќаваме на Рождеството на Пресвета Богородица. Се молиме за мајките, татковците и децата.
Молитва:

О, Пресвета Владичице Богородице, спаси и зачувај ги слугите Твои (имиња на родителите и роднините), а упокоените со Светите упокој ги во вечната Твоја слава.
Втора десетка
Се сеќаваме на Воведението во храм на Пресвета Дева Богородица. Се молиме за заблудените и отпаднатите од Црквата.
Молитва:

О, Пресвета Владичице Богородице, спаси, зачувај и присоедини ги кон Светата Православна Црква заблудените и отпаднатите слуги Твои (имиња).
Трета десетка
Се сеќаваме на Благовештението на Пресвета Богородица. Се молиме за утеха на оние кои тагуваат.
Молитва:

О, Пресвета Владичице Богородице, испрати утеха на слугите Твои кои тагуваат и боледуваат (имиња).
Четврта десетка
Се сеќаваме на средбата на Пресвета Богородица со праведната Елисавета. Се молиме за соединување на разделени, за оние чии ближни или деца не се крај нив или исчезнале без трага.
Молитва:

О, Пресвета Владичице Богородице, соедини ги разделени слуги Твои (имиња).
Петта десетка
Се сеќаваме на Рождеството Христово. Се молиме за обновување на душите, за нов живот во Христа.
Молитва:

О, Пресвета Владичице Богородице, дарувај ми мене кој во Христа се крстив, во Христа да се облечам.
Шеста десетка
Се сеќаваме на Сретението Господово и на пророчките зборови на свети Симеон: „А и на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата“. Се молиме Мајката Божја да ја пречека душата во часот на кончината (смртта) и да ја удостои при последното издишување со причестување со Светите Тајни, та да ја спроведе душата низ митарствата.
Молитва:

О, Пресвета Владичице Богородице, удостој ме при последното мое издишување да се удостојам со причест со Светите Тајни Христови и Ти спроведи ми ја душата низ страшните митарства.
Седма десетка
Се сеќаваме на бегството во Египет на Мајката Божја со Богомладенецот. Се молиме Царицата Небесна да помогне да се избегнат искушенијата во овој живот и да нè избави од животните напасти.
Молитва:

О, Пресвета Владичице Богородице, не воведувај ме во искушение во овој живот и избави ме од секоја напаст.
Осма десетка
Се сеќаваме на исчезнувањето на дванаесетгодишниот Исус во Ерусалим и на тагата на Мајката Божја поради тоа.
Молитва:

О, Пресвета Владичице Богородице, Пречиста Дево Маријо, дарувај ми постојана молитва и смирение.
Деветта десетка
Се сеќаваме на чудото во Кана Галилејска, кога Господ ја претворил водата во вино на зборот на Мајката Божја: „Немаат вино“. Ја молиме Мајката Божја за помош во работата и да нè избави од секоја неволја.
Молитва:

О, Пресвета Владичице Богородице, помогни ми во секое дело и избави ме од секоја неволја и тага.
Десетта десетка
Се сеќаваме на Мајката Божја крај Крстот Господов кога тагата како меч поминала низ Нејзината душа. Се молиме на Мајката Божја да ни ги закрепи душевните сили и да го оддалечи унинието (чамотијата) од нашата душа.
Молитва:

О, Пресвета Владичице Богородице, Преблагословена Дево Маријо, закрепи ги душевните сили мои и оддалечи го унинието од мене.
Единаесетта десетка
Се сеќаваме на Воскресението Христово и молитвено ѝ се обраќаме на Мајката Божја да ни ја воскресне душата и да ни даде нова сила за подвиг.
Молитва:

О, Пресвета Владичице Богородице, воскресни ја душата моја и дарувај ми постојана подготвеност за подвиг.
Дванаесетта десетка
Се сеќаваме на Вознесението Христово, на кое присуствувала Мајката Божја. Молитвено ѝ се обраќаме на Царицата Небесна да ни ја издигне душата наша од земните суетни забави и непрестајно да нè упатува кон спасение.
Молитва:

О, Пресвета Владичице Богородице, избави ме од суетни помисли и подај ми ум и срце кои копнеат за спасение на душата.
Тринаесетта десетка
Се сеќаваме на Гората Сионска и на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите и Мајката Божја и се молиме:
Молитва:

О, Пресвета Владичице Богородице, испрати ја и закрепи ја благодатта на Светиот Дух во срцето мое.
Четиринаесетта десетка
Се сеќаваме на Успението на Пресвета Богородица и молиме за мирна и спокојна кончина (смрт).
Молитва:

О, Пресвета Владичице Богородице, подај ми непосрамена и мирна кончина.
Петнаесетта десетка
Се сеќаваме на славата на Мајката Божја со која Господ Ја овенчал по Нејзиното заминување од земјата на небото и ја молиме Царицата Небесна да не нè остави нас кои сме на земјата, туку да нè заштити од секакво зло, покривајќи нè со Својот омофор.
Молитва:

О, Пресвета Владичице Богородице, зачувај ме од секакво зло и покриј ме со Својот чесен омофор.