Псалми на Вечерната служба (Господи возвах)
Псалм 140
(Молитва Бог да нè пази)
Господи, кон Тебе повикав: слушни ме, чуј го гласот на молењето мое, кога повикувам кон Тебе! Нека се исправи пред Тебе молитвата моја како темјан, а воздигањето на рацете мои - како жртва вечерна. Постави, Господи, стража пред устата моја и врата на усните мои; не давај да застрани срцето мое кон зло, да врши грешни дела заедно со луѓето, кои вршат беззаконија; јас нема да се гоштевам од нивните наслади! Праведниот нека ме казнува, светиот нека ме изобличува, но не давај миро на грешник да ја помаже главата моја; зашто и молитвата моја се противи на нивната злоба. Кога ќе бидат предадени на оние што ќе ги казнат, тогаш ќе сфатат дека моите зборови беа пријатни. Како кога грутка земја ќе падне се растура, така ќе се растурат коските нивни во пеколот. Но кон Тебе, Господи, Господи, се управени очите мои; во Тебе се надевам, не оставај ме без одбрана! Запази ме од стапиците што ми ги поставија, и од примките на оние што вршат беззаконија. Грешниците нека паднат во своите мрежи, додека јас да поминам.
Псалм 141
(Молитва Давидова кога бил во пештера)
Со гласот свој викам кон Господ, со гласот свој Му се молам на Господ. Ќе го излијам пред Него молењето мое: маката моја пред Него ќе ја кажам. Ако изнемошти духот мој, Ти ја знаеш мојата патека, на патот, по кој одев, тие скришно примки ми поставија. Се обирав надесно и гледав, а таму никој кој ме познава: нема каде да избегам; никој не се грижи за душата моја. Повикав кон тебе, Господи, и реков: „Ти си мојата надеж и мој дел во земјата на живите. Прими ја молитвата моја, зашто многу сум понижен; избави ме од моите гонители, зашто тие се посилни од мене. Изведи ја од темнина душата моја, за да го прославувам името Твое. Околу мене ќе се соберат праведните, зашто Ти ќе постапиш добро со мене“.
Псалм 129
(Молитва за простување на гревови)
Од длабочините викам кон Тебе, Господи.Господи, чуј го гласот мој. Ушите Твои нека го чујат гласот на молењето мое, -Господи, ако гледаш на беззаконијата, - тогаш кој ќе се одржи, Господи?Но во Тебе има простување, за да Те почитуваат.Заради името Твое, Господи, чекав долго на Тебе, чекаше душата моя на Твојот збор; душата моја Го чека Господ: Од утрената стража па до ноќната, од утрената стража нека се надева Израил на Господ. Зашто милоста е во Господ и голем е откупот во Него. И Тој ќе го избави Израил од сите негови беззаконија.
Псалм 116
(Похвала на Господ)
Фалете Го Господ, сите народи, прославувајте Го, сите луѓе, зашто се зацврсти Неговата голема милост на нас, и верноста Господова пребива вечно. Алилуја!