Псалми на Часовите
Псалми на Часовите
На секојдневните кратки служби наречени „Часови“ (Прв, Трет, Шести и Деветти час), кои го следат денот, се читаат по три фиксни псалми:
ПРВ ЧАС (6 часот наутро)
Псалм 5
(Давидовата утрена молитва за помош против безбожните непријатели)
Чуј ги, Господи, зборовите мои, разбери ги воздишките мои.
Чуј го гласот на мојот повик, Царе мој и Боже Мој, зашто Тебе Ти се молам!
Наутро го слушаш гласот мој, наутро застанувам пред Тебе и чекам. Зашто Ти си Бог, Кој не сака беззаконија; за лошиот нема место кај тебе: безбожниците нема да опстојат пред очите Твои; Ти ги мразиш сите што вршат неправда.
Ти ги уништуваш сите лажливци; од крвопиец и лукав Господ се гнаси.
А јас, пак, според Твојата голема милост, ќе влезам во Твојот храм и ќе паднам ничкум пред Твоето светилиште, со почит кон Тебе.
Господи, води ме во Твојата правда, поради непријателите мои, патот Твој пред мене порамни го.
Зашто во устата нивна нема вистина; во срцето им е измама; грлото им е отворен гроб; на јазикот, пак, ласкање.
Казни ги, Боже, нека пропаднат од сопствените совети; поради многуте нечесни работи отфрли ги, бидејќи се кренаа против Тебе.
Па нека се зарадуваат сите, кои прибегнуваат кај Тебе: вечно нека се радуваат. Закрили ги, нека се радуваат во Тебе оние, што го сакаат името Твое.
Зашто Ти, Господи, го благословуваш праведниот и со милоста Своја го закрилуваш, како со штит.
Псалм 89
(Бог е вечен, грешните луѓе не се постојани)
Господи, Ти си ни прибежиште од род во род.
Дури уште пред да се појават горите, и пред создавањето на Земјата и на вселената, отсекогаш и засекогаш Ти си Бог.
Го враќаш човекот во прав, и велиш: „Обратете се синови човечки!“
Зашто пред Твоите очи илјада години се како вчерашен ден, што поминал, и колку една стража преку ноќта. 2. Петр. 3, 8
Ги однесуваш како сон, како трева што зеленее наутро: наутро ќе процути и ќе зазелени, а навечер паѓа и се исушува.
Така и ние исчезнуваме од Твојот гнев, и од Твојата јарост сме растревожени.
Ти си ги поставил пред Себе нашите беззаконија, нашите скришни гревови се во светлината на лицето Твое.
Сите наши дни минуваат под Твојот гнев, годините ни свршуваат како здив.
Дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години; и повеќе време од нив се во труд и мака, бидејќи брзо минуваат и ние одлетуваме.
Кој ја знае силата на Твојот гнев, па во стравот пред Твојата јарост да се плаши?
Научи нè така да ги броиме нашите дни, па да се здобиеме со мудро срце.
Сврти се, Господи, до кога вака? Смилувај се на Твоите слуги!
Исполни нè изутрина со Твојата милост, Господи, за да се зарадуваме и се развеселиме во сите наши дни,
развесели нè за оние дни, кога нè понижуваше, за годините, во кои видовме зло.
Нека се видат кај слугите Твои делата Твои, и Твојата славна сила - кај чедата Твои.
И благоволението на нашиот Господ Бог нека биде со нас, и да ни успеат делата на рацете наши, дај им успех на делата на рацете наши.
Псалм 100
(Молитва за непорочен пат)
Ќе пеам за верноста и за правдата - Тебе, Господи, ќе ти свирам!
Ќе размислувам за патот непорочен: кога ќе го достигнам? Среде мојот дом ќе одам со чисто срце.
Нема да ставам пред очите мои ништо пакосно; ги мразам делата на отпадниците - тие нема да се прилепат за мене.
Развратно срце нема да се прилепи до мене; за лукавиот не сакам да знам.
Оној што тајно го клевети ближниот свој, ќе го погубам; оној што е со горделиви очи и ненаситно срце, не го поднесувам.
Очите ми се управени кон верните по земјата, за да седат со мене; кој оди по патот непорочен, тој ќе ми служи.
Нема да остане во мојот дом оној, кој прави сплетки; кој говори лага, не може да остане пред очите мои.
Секојдневно ќе ги истребувам сите нечестиви од земјата, за да ги истребам од Господовиот град сите злосторници.
ТРЕТ ЧАС (9 часот наутро)
Псалм 16
(Праведникова молитва)
Слушни ја, Господи, правдата моја, чуј го мојот повик, прими ја молитвата моја што не излегува од лажлива уста.
Од Твоето присуство нека излезе пресудата за мене; очите Твои нека ја гледаат правдината.
Ако го искушаш срцето мое, ако ме посетиш ноќе; ако ме провериш: нема да најдеш злонамерност во мене.
Не згреши устата моја, како што прават другите; поради зборовите на устата Твоја јас го одбегнував патот на насилниците.
Стапките мои беа непоколебливи на патиштата Твои, нозете мои не застранија.
Кон Тебе викам, зашто Ти ќе ме чуеш, Боже; приклони го увото Свое кон мене, и чуј ги зборовите мои.
Покажи ја чудесната милост Твоја, Ти, кој ги избавуваш оние што се засолнуваат од непријателите - покрај Твојата десница.
Пази ме како зеница на окото; засолни ме под сенката на Твоите крилја,
од лицето на нечестивите, кои ме напаѓаат, од непријателите на душата моја, што ме опкружуваат:
тие срцето свое го затворија за милост, а со устата своја - горделиво зборуваат.
Гонејќи ме, сега ме опколуваат; тие ги управија очите свои за да ме соборат на земја;
тие се како лав, подготвен за лов и како лавче, кое стои во заседа.
Стани, Господи, пресретни ги и собори ги; со Својот меч спаси ја душата моја од нечестивиот,
а со раката Своја од луѓето, Господи, од луѓето чиј дел е само овој живот.
Нека им се наполнат стомаците со твоите добра, нека се наситат нивните синови и нека им остават од вишокот на децата свои.
А јас ќе го гледам лицето Твое во правда, ќе се наситам од ликот Твој, кога еднаш ќе се покаже славата Твоја.
Псалм 24
(Молитва за заштита)
Кон Тебе, Господи, ја издигнувам душата своја.
Боже мој, во Тебе се надевам, да не се посрамам, да не ликуваат над мене непријателите мои,
да не се посрамат оние што се надеваат на Тебе; да се посрамат оние, што со леснотија изневеруваат.
Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои.
Упати ме кон Твојата вистина и научи ме, зашто Ти си Бог на моето спасение; (Вав). на Тебе се надевам секој ден.
Спомни си ги штедростите Твои, Господи, и милостите Твои, зашто се вечни.
Гревовите на младоста моја и престапите мои не споменувај ги; по милост Своја сети се на мене, заради Твојата доброта, Господи!
Добар и праведен е Господ, грешниците ги изведува на пат,
ги упатува понизните кон правда и ги учи понизните на Своите патишта.
Сите патишта Господови се милост и вистина за оние, кои го пазат заветот Негов и уредбите Негови.
Заради Твоето име, Господи, прости ми го гревот мој, зашто е голем.
Кои се тие што имаат страхопочит кон Господ? Ним Тој ќе им покаже кој пат да го изберат.
Нивната душа ќе почива во добро, нивното семе ќе ја наследи земјата.
Близок им е Господ на оние што имаат страхопочит кон Него; ним им го открива заветот Свој.
Очите мои секогаш се кон Господ, зашто Тој ги вади од стапица нозете мои.
Погледни на мене и смилувај се на мене, зашто сум самотен и во мака.
Скрбите на срцето мое олесни ми ги; извади ме од мојата потиштеност.
Погледај ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои.
Погледај ги моите непријатели, колку многу се намножија и колку многу ме мразат!
Запази ја душата моја и избави ме, за да не се посрамам, зашто во Тебе се надевам.
Непорочноста и правдата нека ме чуваат, зашто во Тебе се надевам, Господи.
Избави го, Боже, Израил од сите невољи негови.
Псалм 50
(Покајничка молитва)
Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост, и заради големата Твоја добрина избриши ги беззаконијата мои.
Измиј ме темелно од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев,
зашто престапите мои ги знам и мојот грев е секогаш пред мене.
Против Тебе, само против Тебе згрешив и пред Тебе зло извршив, така што Ти си праведен кога ќе пресудуваш и беспрекорен кога ќе судиш. Рим. 3, 4
Ете, грешен сум роден, грешник уште од кога ме зачна мајка ми.
Ти ја сакаш вистината во срцето, и внатре во мене ме учиш на мудроста Твоја.
Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег.
Дај ми да чујам радост и веселба, нека се зарадуваат коските што Ти ми ги здроби.
Одврати го лицето Свое од гревовите мои и избриши ги сите мои беззаконија.
Создај чисто срце во мене, Боже, и нов и прав дух стави во мене.
Не отфрлај ме од лицето Свое и Светиот Дух Твој не одземај Го од мене.
Врати ми ја радоста на спасението од Тебе и благороден дух зацврсти во мене.
Тогаш ќе ги научам престапниците да одат по Твоите патишта, и грешниците кон Тебе ќе се обраќаат.
Ослободи ме од пролеаната крв, Боже, Боже на моето спасение, и јазикот мој ќе пее за Твоето избавување!
Господи, отвори ја устата моја, и устата моја ќе ја објави похвалата Твоја;
зашто, жртви не ти се мили, кога би ти принел сепаленици, Ти не би ги примил.
Жртвата пред Бога е срушен дух; срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш.
Господи, направи му добро на Сион, според благоволението Свое, обнови ги ѕидовите ерусалимски.
Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, вознесувањата и жртвите сепаленици; тогаш на Твојот олтар ќе принесуваат телци.
ШЕСТИ ЧАС (напладне)
Псалм 53
(Молитва за спасение)
Бпже, со името Твое спаси ме и со силата Твоја избори се за мојата правда.
Боже, услиши ја молитвата моја, чуј ги зборовите од устата моја;
зашто дрски луѓе се кренаа против мене, и насилници го бараат животот мој; тие не мислат на Бога. (Диапсалма).
Ете, Бог ми помага; Господ е заштитник на животот мој.
На непријателите мои Тој ќе им врати за злото; ќе ги истреби со вистината Своја.
Со сесрдност Ти принесувам жртва, го прославувам името Твое, Господи, зашто е добро,
зашто Ти ме избави од секоја невоља и окото мое презриво ги гледа непријателите мои.
Псалм 54
(Молитва за помош против лажни браќа)
Чуј ја, Боже, молитвата моја и не криј се од моето молење;
погледај ме и услиши ме.
Нажален сум во тагата мојаи збунет сум од гласот на непријателите, од притисокот на грешниците,
зашто вршат врз мене беззаконие и со гнев разгоруваат непријателство против мене.
Срцето мое затрепери во мене, и смртен страв ме спопадна;
страв и трепет ме сполетаа, и стравотии ме обзедоа.
И јас реков: „Кој ќе ми даде крилја гулабови, па да одлетам и да се успокојам;
далеку би отишол и би се сместил во пустината; (Диапсалма).
би побрзал да си најдам засолниште од бурата и виорот.
Смути ги, Господи, и раздели ги нивните јазици, зашто видов насилство и расправии во градот“.
Дење и ноќе обиколуваат покрај ѕидовите негови; и во него беззаконие, мака и неправда има;
а не недостасува ни измама ни лукавство по улиците негови.
Да ме беше навредил непријателот мој, тоа би го поднел,
и завидливецот мој да се беше покажал силен, јас ќе се сокриев;
но тоа беше ти, човеку, кој си како јас, другар мој и пријател мој,
со кого радосно се дружевме и сме оделе заедно во Божјиот дом!
Смртта нека дојде на нив; да слезат живи во пеколот, зашто пакост има среде нив, во живеалиштата нивни.
Јас, пак, Бога ќе Го повикам, и Господ ќе ме слушне.
Навечер и наутро, и напладне ќе молам и ќе викам, и Тој ќе го чуе гласот мој,
ќе ја избави во мир душата моја од оние, кои ми се приближуваат, зашто многу ги има што се против мене,
Бог ќе ме чуе и ќе ги понизи; Оној, Кој вечно царува, (Диапсалма)
зашто во нив нема промена; тие не се плашат од Бога.
Ги креваат рацете свои против оние, со кои живееја во мир, го нарушија Неговиот завет.
Говорот им е мек како кајмак, а во срцето им е непријателство; зборовите им се како масло, но тие се стрели.
Пренеси ја на Господ маката своја, и Тој ќе те поткрепи. Тој нема да дозволи праведниот човек да пострада.
Ти, Боже, ќе ги фрлиш во погибелна јама; крвниците и измамниците нема да поживеат ни половина од деновите свои. Јас, пак, во Тебе се надевам!
Псалм 90
(Бог е наш вечен заштитник)
Кој живее под закрилата на Севишниот, тој престојува во домот на небесниот Бог.
И ќе Му рече на Господ: Ти си мој застапник, Ти си мое пребивалиште, Бог мој, и на Тебе ќе се надевам!
Зашто Тој ќе те избави од стапицата на ловецот, и од чумата погубна.
Со плеќите Свои ќе те осени и под крилјата Негови ќе бидеш во сигурност: Неговата верност е штит и одбрана.
Нема да се уплашиш од ноќен страв, ни од стрела што лета дење,
од чумата што пустоши во темнина, од зараза што опустошува напладне.
Покрај тебе ќе паднат илјада, и десет илјади десно од тебе; но до тебе нема да се приближат;
само ќе гледаш со очите свои и ќе ја гледаш казната на нечестивите.
Зашто, Господ ти е засолниште, надеж моја, Севишниот го избра за свое прибежиште;
зло нема да ти се случи, и неволја нема да се приближи до шаторот твој;
затоа што ќе им заповеда на ангелите Свои за тебе, да те чуваат на сите патишта твои.
Ќе те понесат на раце, да не ја сопнеш од камен ногата своја;
на отровница и на змија ќе нагазуваш, лав и змеј ќе згазуваш.
„Бидејќи се надеваше во Мене, и ќе го избавам, и ќе го заштитам, зашто го позна името Мое.
Ќе повика кон Мене, и ќе го чујам; со него ќе сум во невоља; ќе го избавам и ќе го прославам,
ќе му дадам многу денови и ќе му го јавам спасението од Мене“.
ДЕВЕТТИ ЧАС (3 часот попладне)
Псалм 83
(Копнеж за светилиште)
Колку се мили Твоите живеалишта, Господи Саваоте!
Копнее душата моја, сакајќи да е во Господовите дворови; срцето мое и телото мое со радост се стремат кон живиот Бог.
И птичката си наоѓа живеалиште, и ластовичката гнездо, каде што ќе ги положи пилињата свои, при олтарите Твои, Господи Саваоте, Царе мој и Боже мој!
Блажени се оние, кои живеат во домот Твој; тие постојано Те фалат. (Диапсалма).
Блажен е оној човек, кој заштита бара кај Тебе и во чие срце се патиштата Твои.
Преминувајќи ја Сушната долина, тие ја претвораат во извори, и дожд ја покрива со вирови;
минуваат од сила во сила, додека не Го видат Бога, на Сион.
Господи, Боже на силите, услиши ја молитвата моја, послушај, Боже Јаковов! (Диапсалма).
Боже, заштитнику наш, погледај и види го лицето на твојот помазаник!
Зашто еден ден во Твоите дворови е подобар отколку - илјада дни надвор.
Повеќе би сакал да стојам на прагот пред Божјиот дом, отколку да живеам во шаторите на нечестието.
Бидејќи Господ Бог е сонце и штит, Тој дава благодат и слава; Господ не ги лишува од блага оние, што одат непорочно.
Господи Саваоте, блажен е оној човек, кој се надева во Тебе!
Псалм 84
(Молба Господ пак да го благослови народот спрема кого порано бил милостив)
Господи, Ти омиле земјата Твоја, го врати од пленство Јаков.
Ти им ги прости беззаконијата на Твоите луѓе, ги покри сите нивни гревови, (Диапсалма)
го смири сиот Свој гнев, ја ублажи јароста на гневот Свој.
Поврати нè, Боже, спасение наше, и одврати ја Твојата јарост од нас.
Зар вечно ќе се гневиш на нас, или ќе го протегаш гневот Свој од род во род?
Нема ли, Боже, да се повратиш, и пак да нè оживееш, и луѓето Твои да се зарадуваат во Тебе?
Покажи ни ја, Господи, Твојата милост, и подари ни спасение.
Ќе чујам што ќе ми рече Господ Бог, зашто Тој ќе зборува за мир на Својот народ и на Своите светии, и на оние што со срцето свое Му се обраќаат Нему.
Да, спасението од Него е блиску до оние, кои се бојат од Него, за да ја насели славата своја во нашата земја.
Милоста и вистината ќе се сретнат, праведноста и мирот ќе се целиваат.
Верноста ќе изникне од земјата, а праведноста ќе се појави од небото;
Зашто Господ ќе даде добро и нашата земја ќе го даде својот плод;
праведноста ќе оди пред Него и на патот ќе ги става стапките свои.
Псалм 85
(Молитва во голема невоља)
Приклони го, Господи, увото Свое и услиши ја молитвата моја, зашто сум беден и сиромаш.
Зачувај ја душата моја, зашто сум посветен на Тебе; спаси го слугата Твој, Боже мој, кој се надева во Тебе.
Помилуј ме, Господи, зашто кон Тебе викам секој ден.
Развесели ја душата на Твојот слуга, зашто кон Тебе, Господи, ја издигам душата своја;
зашто Ти, Господи, си добар, кроток и многумилостив кон сите, кои Те повикуваат.
Чуј ја, Господи, мојата молитва и послушај го гласот на молбата моја.
Во денот на мојата мака повикав кон Тебе, и Ти ме чу.
Меѓу боговите нема таков каков што си Ти, Господи, и нема дела како Твоите.
Сите народи што си ги создал Ти, ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе, Господи, и ќе го прославуваат името Твое,
зашто Ти си велик и правиш чудеса, - Ти си Бог единствен!
Упати ме, Господи, кон Твојот пат, и јас ќе одам во Твојата вистина; и дај ми непоколебливо срце, за да го почитувам името Твое.
Ќе Те славам, Господи, Боже мој, од сè срце и вечно ќе го прославувам името Твое,
зашто Твојата милост кон мене е голема: Ти ја спаси душата моја од адските длабини.
Боже, законопрестапниците станаа против мене, и многуте насилници ја бараат душата моја: тие Те немаат Тебе пред себе.
Но Ти, Боже, Кој си штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и верен,
погледни на мене и помилуј ме; дај му ја Твојата сила на слугата свој и спаси го синот на слугинката Твоја;
покажи со мене чудо за добро, па да видат оние што ме мразат, и да се засрамат, зашто Ти, Господи, ми помогна и ме утеши.
(На крајот од секој Час, по читањето на овие три псалми, секогаш се вели):
Слава Му на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вековите на вековите. Амин.
Алилуја, Алилуја, Алилуја, слава Ти, Боже! (трипати)
За време на Големиот Велигденски пост, интензитетот на читање се дуплира. Тогаш Псалтирот во црквата не се исчитува само еднаш, туку двапати во текот на една седмица!