Молитва кон Света Блажена Ксенија

О, света себлажена мајко Ксенија!

Ти која под покривот на Севишниот си живеела, водена и поткрепувана од Богомајката, си претрпела глад и жед, студ и топлина, навреди и прогонства, и си примила од Бога дар на прозорливост и чудотворство, а сега под сенката на Семоќниот почиваш.

Светата Црква денес те слави како миризлив цвет. Стоејќи пред местото на твоето погребение, пред твојот свет лик, како да си жива и со нас, ти се молиме: прими ги нашите молби и принеси ги пред престолот на Милостивиот Отец Небесен. Како онаа која има смелост пред Него, испроси вечно спасение за оние што прибегнуваат кон тебе, божествен благослов за нашите добри дела и намерите наши, и избавување од сите неволји и таги.

Испроси со твоите свети молитви пред Спасителот наш за нас немоќните и грешните: здравје за болните, мир и слога во семејствата, заштита на сирачињата, утеха на вдовиците и брза помош на сите кои се наоѓаат во маки.

Заштити нè со твојата света молитва од сите искушенија на лукавиот, за да можеме со благодарност да те величаме тебе, која го славиш Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови.

Амин.


Кондак на Света Блажена Ксенија

О, света блажена мајко Ксенија, во твојот живот тежок крст си носела. Прими ги од нас грешните молбите кои ти ги принесуваме. Заштити нѐ со твоите молитви од замките на духовите на темнината и од сите оние кои ни мислат зло. Умоли Го Сведарежливиот Бог да ни подари сила и крепост, за секој од нас да го земе својот крст и да тргне по Христа, пеејќи Му со тебе: Алилуја!

(овој кондак се чита трипати)