Молитва кон св. Климент Охридски
О, велики Божји угодниче и себлаг наш оче Клименте Охридски чудотворче! Ти, кој ја озари по должина и ширина македонската земја со светлината на евангелската вистина, послушај нè нас, кои со вера прибегнуваме кон твоето застапништво и со пламена молитва те повикуваме на помош!
Дарувај ни добро здравје и благосостојба на земјата, избавувај нè од стрелите на лукавиот, утврди нè во евангелската правда, укрепи нè во љубовта кон Бога и кон ближниот и поддржи нè во подвигот на благодатното искачување по небесната скала на вечното спасение.
Огради го и понатаму со душеспасителни грижи твоето правоверно стадо и запази го од воени наезди, од внатрешни немири, од земјотрес, од глад и од секое зло и беда. Биди му секогашен небесен покровител, за да пребива во слобода и благосостојба, во љубов и благочестие, во мир и благоплоден напредок.
Како што некогаш си ги удостојувал со својата милост сите кои со вера прибегнувале кон твојот светителски престол, така сега помилуј нè и нас, кои со жива вера паѓаме пред твоите свети мошти и усрдно те молиме: облечи нè во духовна сила за да ги исполнуваме заветите на Христовото Евангелие и утврди нè на патот на евангелските доблести, та преку подвигот на благочестието и преку твоето невидливо застапништво мирно и безбедно да го поминеме нашиот животен пат, да преживееме тивок и безгрешен живот во овој век, а во идниот да се удостоиме да го слушнеме Христовиот блажен и спасоносен повик:
„Дојдете, вие благословени од Мојот Отец, и наследете го царството подготвено за вас уште од создавањето на светот!“
Амин!