Молитва кон свети Наум Охридски

Угоднику на живиот Бог, свети Науме чудотворче, ти си го исполнил законот на Бога, Спасителот наш Исус Христос и од Него си добил живот вечен. Тебе со љубов ти се поклонуваме и тебе смирено ти благодариме за премногуте твои чудотворства со кои им помагаш на немоќните, прославувајќи го името на Господа, Спасителот свој. Верен слуго Божји, тебе ти е дадена благодатта на Светиот Дух, демони да изгонуваш, болни да лекуваш, слаби да подигнуваш, натажените да ги утешуваш, на неволните да им помагаш. Заради тоа, ние, иако недостојни, те почитуваме како духовна харфа преку која се излева утеха небесна на потребитите и со восхит го величаме Создателот, Кој на тебе, иако си човек, ти дарувал таква Божја сила и богатство.

И сега, праведнику и пријателу на ангелите, преподобен оче наш Науме, покајнички паѓајќи пред тебе, умилно ти се молиме: не престанувај да се молиш пред престолот на Пресветата Единосуштна и неразделна Троица за сиот православен род христијански, за праведните и грешните, за сите кои се на власт, за сите кои се во неволји и маки, за епископите, свештениците, ѓаконите и монасите, за основачите и приложниците на твојот свет манастир, за оние што со вера доаѓаат и се поклонуваат на твоите свети и сечесни мошти, за сите православни кои ти се молат, за болните и за оние што умираат со вера, за старите и младите, за девиците и мајките, за заробените, за нивно спасение и за сиот православен наш народ. Свети оче Науме, покриј ги нашите слабости и излечи ги нашите болести со твоите молитви.

Ти се молиме уште и за слугата Божји (името) кој страда од слабост и тешка болест, ако е болен поради свој грев или поради грев на неговите родители, или грев на роднините свои, и ако поради грев го снајде оваа болест, ти посредувај, о, ангелоподобен светителу, пред престолот на Господа Кој те прославил, да му ги прости гревот и од болеста да го исцели. Ако пак, ова болест е по Божјо допуштање, според зборовите Божји, кого Господ Го љуби него и го казнува, го бие секој син кого го прима, тогаш ти умилно моли го Семилостивиот Бог да се смилува на овој слуга, и да не му допушти натчовечки страдања; зашто луѓето се тело и ништожни, и не сме немоќни да совладаме ниедно страдање без благодатта Божја што нè окрепнува. Светителу, слушни нè брзо и исцели го слугата Божји (името) со твоите свети молитви за да не речат неверниците: „Каде е неговиот Бог?“

О, свети и преподобни оче Науме, покажи ја силата што ти е дадена од семоќниот Господ Бог и на овој слуга, како што си ја покажувал и досега на твојот чесен гроб. Исцели го и оздрави и телесно и душевно и исфрли го од него пакостникот на човечките души и тела - ѓаволот, и закрепи го неговото тело со здравје и сила за да може да се подвизува и кае, и да се подготвува за Царството Небесно; отерај ја од него предвремената смрт за да Му угоди на Бога со добри дела и да најде милост пред Бога на страшниот Суд Божји.

Помоли се, о преславен свети Науме Чудотворче, за овој слуга, Господ да му ги прости сите гревови, волни и неволни и со својот Свет Дух да го очисти од секаква нечистотија по твоите молитви оче Науме, за и тој да ја прославува Пресвета Троица Која тебе те прославила, Отецот, Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

КОНДАК 1

Избран чудотворче и Божји угоднику, извору на многубројни исцеленија и топол молитвенику за нашите души, преподобен оче Науме, имајќи слобода пред Господа, измоли ослободување од сите беди и неволи за нас, кои ти пееме: Радувај се, преподобен оче Науме, исцелителу на болните, велик чудотворче.