Молитва кон св. Пантелејмон

О, велик Христов угоднику и преславен целебнику, великомачениче Пантелејмоне!
Со душата на небото стоиш пред престолот Божји и се насладуваш со Неговата трипостасна слава, а со телото и светите мошти почиваш на земјата во божествените храмови и преку дадената ти благодат од горе точиш разни чуда.

Погледни со твоето милостиво око на нас, кои се молиме пред твојата света икона, барајќи од тебе исцелителна помош и застапништво. Упатувај ги кон Господа нашиот Бог твоите топли молитви и испроси за нашите души прошка на гревовите.

Со умиление ги приклонуваме нашите колена пред тебе и те молиме: не отфрлај нè нас грешните, кои бараме помош од тебе. Биди ни утешител во тагата, исцелител во тешките болести, брз помошник во секоја неволја. Испроси за сите нас сè што ни е потребно за спасение, за по твоите свети молитви да добиеме здравје за душата и телото и да Го славиме Спасителот наш, Исус Христос, Кому му припаѓа секоја слава, чест и поклонение, со Беспочетниот Негов Отец и Пресветиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови.

Амин.