Молитва кон Свети Спиридон Тримитунтски Чудотворец

Преблажен светителу Спиридоне! Измоли од милостивиот Човекољубив Бог, да не нѐ осуди според нашите беззаконија, туку да постапи со нас според Неговата милост.

Измоли за нас, слугите Божји (се споменуваат имињата), од Христа и нашиот Бог мирен и спокоен живот, душевно и телесно здравје. Избави нѐ од секаква беда, душевна и телесна, од сите слабости и ѓаволски клевети.

Спомени нѐ пред престолот на Сведржителот и измоли од Господа да ни ги прости сите наши гревови, да ни подари сигурен и мирен живот, непосрамен и мирен крај на животот, и да нѐ удостои со вечно блаженство во идниот век, за непрестајно да Го славиме и да Му благодариме на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови.


Тропар на Свети Спиридон

На Првиот собор си се покажал како бранител и чудотворец, богоносен оче наш Спиридоне. Затоа и мртва од гробот си повикал, и змија во злато си претворил; и кога си ги пеел светите молитви, ангели си имал кои сослужувале со тебе, пресвет светителу. Слава Му на Оној Кој ти даде сила, слава Му на Оној Кој те овенча, слава Му на Оној Кој преку тебе на сите им дарува исцеление.