Молитва за благослов на децата
Господи Исусе Христе, Сине Божји, заради молитвите на Твојата Пречиста Мајка, услиши ме мене, недостојниот Твој слуга (име). Господи, во Твојата милостива власт помилуј ги моите чеда (имиња) и спаси ги заради славата на Твоето име.
Господи, прости им ги сите согрешенија, волни и неволни, што ги направиле пред Тебе. Господи, упати ги на вистинскиот пат на Твоите заповеди и просветли го нивниот разум со Твојата светлина, за спасение на душите и исцеление на телата. Господи, благослови ги на секое место од Твоето владеење, сочувај ги со силата на Твојот Чесен и Животворен Крст, под Твојот свет покров, од метак, од меч, од стрела, од оган, од смртоносна рана, од воден потоп и ненадејна смрт. Господи, огради ги од сите видливи и невидливи непријатели, од секоја беда, зло, несреќа, предавство и ропство. Господи, исцели ги од секоја болест и рана, од секое страдање, и олесни им ги душевните страдања. Господи, дарувај им ја благодатта на Твојот Свет Дух, долг живот, здравје и целомудрие (чесност); да поживеат во секое благочестие и доблест, во мир и слога со властите што ги опкружуваат, со ближните и со луѓето кои се далеку. Господи, умножи ги и зајакни ги нивните умствени способности и телесната сила, па здрави и среќни врати ги во родителскиот дом.
Свеблаг Господи, дарувај ми мене, на Твојот недостоен и грешен слуга (име), родителски благослов за моите деца (имиња), зашто Твое е Царството вечно, сесилно и семоќно. Амин.