Молитви за светата тајна брак
Молитва прва
Благословен си, Господе, Боже на отците наши, Кој ни дарува живот! Ти, Господе, го создаде човекот по Својот лик и подобие, од разумна душа и благолико тело, така што телото ѝ служи на разумната душа. Ти, Господе, нè зачува од оние кои ги ловат душите наши, од многуте замки на лукавиот и нè спаси од многу искушенија и опасности до денешниот ден. Затоа не дозволувај, Господи Боже наш, да бидеме за сопнување и соблазна на ближните свои, туку да се покажеме како слуги Твои, за да не ни биде залудна благодатта Твоја.
Наоружај нè со оружјето на праведноста во зборот, делото и вистината, подари ни сила преку долготрпеливост во неволјите. Да бидеме со широко срце: ако сме нажалени, да бидеме секогаш радосни; ако сме сиромашни, да можеме да ги збогатиме другите, како оние кои ништо немаат, а сè поседуваат во Тебе – Творецот и Отецот наш.
Да не се впрегнуваме во ист јарем со неверниците, зашто што има заедничко праведноста со беззаконието, каков дел имаат верните со неверните и какво е согласувањето на храмот Божји со идолите? А Ти за слугите Свои, Господи, си рекол: Ќе се вселам во нив, ќе живеам со нив, ќе им бидам Бог и тие ќе бидат Мој народ. Ќе ви бидам Отец и вие ќе бидете Мои синови и ќерки, вели Господ Седржител, Кој е богат со милост.
Поради големата љубов со која нè засака, подари ни, Господи, да бидеме достојни за звањето во кое сме повикани, со секаква смиреност, кротост и долготрпеливост, поднесувајќи се еден со друг во љубов, чувајќи го единството во врската на мирот. Да не размислуваме телесно со умот свој и да не бидеме деца кои ги занесува секој ветар на човечката измама, туку вистински да растеме во љубовта на Оној Кој е глава – Христос. Да не живееме како незнабожците во празноумие, со помрачени мисли и чувства, со окаменето срце и отуѓени од Животот поради незнаење. Да не му даваме место на ѓаволот, како оние кои, откако отупеа, се предадоа себеси на разузданост за да вршат секаква нечистотија со лакомост. Туку да го отфрлиме стариот човек кој се распаѓа во измамливите желби и да се облечеме во новиот, кој се обновува по ликот на Оној Кој го создал. Да бидеме меѓу себе благи, милостиви, простувајќи си еден на друг како што Бог во Христа ни прости нам. Да мислиме на она што е вистинито и праведно, чисто и достојно за љубов, што е на добар глас и во доблест, што примивме и научивме од отците наши. Спомни си, Господи Боже наш, за родителите наши кои нè одгледаа, зашто молитвите на родителите ги зацврстуваат темелите на домовите. Амин.
Молитва втора
Благословен си, Господи Боже наш, Свештенодејствителу на тајниот и чист брак и Законодавецу на телесниот, Чувару на непропадливоста и добри Уредителу на сè што е животно! Ти, Господару, во почетокот го создаде човекот и го постави да владее со творението, и тогаш рече: „Не е добро човекот да биде сам на земјата, да му создадеме помошник соодветен за него“, и земајќи едно од ребрата негови, тогаш ја создаде жената, која гледајќи ја Адам рече: „Еве сега коска од моите коски, и тело од моето тело, таа ќе се нарече жена, зашто е земена од мажот свој“. Поради тоа човекот ќе ги остави татко си и мајка си, и ќе се прилепи до жената своја, и ќе бидат двајцата едно тело; и она што Бог го составил, човек да не го разделува. Зашто Ти, Господи Боже Вечен, разделените ги доведе до единство и ја востанови нивната меѓусебна нераскинлива врска. Од Тебе жената се соединува со мажот заради помош и продолжување на човечкиот род. Ти Самиот, Господи Спасителу, на свет начин го вршиш таинствениот и чист брак. Затоа дарувај ни и нам, Господи, да ја разликуваме љубовта од страста и похотливоста, да не се оставиме еден со друг сиромашни и упропастени, туку како сопружници да бидеме сложни, со душата и со телото, та живеејќи во вистината и љубовта Твоја, меѓусебно да го збогатуваме животот свој.
Избави нè, Господи Боже наш, од лажното телесно мудрување и од секое мрачно и темно сладострастие. Умири ги бунтовите на телото наше, укроти ги насртаите на страстите и угаси ги распалените стрели на лукавиот, кои подмолно летаат кон нас; зачувај нè со благодатта Своја од тоа, како што од огнот ги зачува светите три момчиња, испраќајќи им роса од небото. Нека дојде врз нас онаа радост што ја имаше блажената царица Елена кога го пронајде Чесниот Крст. Зачувај нè, Господи Боже наш, како што го зачува Ное во ковчегот, како што го зачува Јона во утробата на морското чудовиште. Спомни си и за нас, Господи Боже наш, како што си спомнал за Енох, Сим, Илија, како што си се опоменал на четириесетмината Свои Свети Маченици, испраќајќи им венци од небото, па подари ни и нам венец на Твојата света тајна на бракот.
Уште Ти се молиме, Преславен Господи, да ни го даруваш Твојот мир, за да внесеме радост во животот наш и да ја најдеме непроодната љубов со која Ти Самиот нè засака. Да бидеме сложни за корист и помош на другите и да се радуваме на здрави и добри деца. Амин.
Молитва трета
Господи, Кој си се настанил меѓу нас, Кој преку апостолот Павле си рекол: „Духот не гаснете го, сè испитувајте, држете се за доброто, тргајте се од зло во каков и да е вид, за да се исцели душата ваша и телото“. Боже на мирот, зачувај нè без порок за Светата Тајна на Бракот, за целиот наш живот и за доаѓањето на Господа нашиот Исус Христос.
Да се украсуваме со доблести и добри дела, што е подрагоцено и поскапо од бисери, злато и сребро. Со чисто срце да се облечеме во правда, да останеме во верата, љубовта и светињата, со секое достоинство и честитост. Та, живеејќи целомудрено, да се почитуваме еден со друг, да се радуваме секогаш и преку молитва без престан да Му благодариме на Бога на мирот, Кој е верен на Своето ветување и на избраните Свои. Зашто на слобода сме повикани, не само за угодување на телото, туку со љубов да си служиме еден на друг.
Да се утешат срцата наши, да се соединиме во љубовта и богатството на разбирањето, во познанието на тајната на Бога и Отецот и на Господа нашиот Исус Христос, во Кого се сокриени сите блага на премудроста и знаењето, во секоја побожност и љубов. Како синови и ќерки на денот да бидеме трезвени, облечени во оклопот на верата и љубовта, со кацига на надежта за спасение. Зашто, Господ не ни даде дух на плашливост и збунетост, туку Дух на сила во љубовта и секаква чистота. Утешителот, Духот на Вистината, да се настани во нас, та преку ревност да се покаже искреноста во љубовта. Зашто Ти, Господи, си рекол дека по тоа ќе нè познаат дека сме Твои ученици – ако имаме љубов меѓу себе. А ние сме слуги Твои, Господи, синови и ќерки на слугите Твои.
Боже наш, прости ни ги гревовите на младоста наша и не оставај нè ни во иднина. Биди ни покровител и помошник во целиот наш живот. Подај ни, Боже, нелицемерна љубов, научи нè да истраеме во доброто, да простуваме и да сакаме. Амин.