Псалм 102

Благословувај го, душо моја, Господа, и целата моја внатрешност — Неговото свето име!
Благословувај го, душо моја, Господа, и не ги заборавај сите Негови доброчинства:
Он ги очистува сите твои беззаконија, ги исцелува сите твои болести;
Он го избавува од пропаст твојот живот, те крунисува со милост и штедрости;
Он ја исполнува со добра твојата желба; како на орел ќе се обнови твојата младост.
Господ врши правда и суд за сите навредени.
Ги покажа Своите патишта на Мојсеја, на синовите Израилеви — Своите желби.
Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив.
Он не се гневи до крај, ниту вечно се срди.
Не постапи со нас според нашите беззаконија, ниту ни врати според нашите гревови.
Зашто, колку е големо растојанието од небото до земјата, толку е голема милоста на Господа кон оние што се бојат од Него.
Колку е исток далеку од запад, толку ги оддалечи Он од нас нашите беззаконија.
Како што таткото ги жали синовите свои, така и Господ ги жали оние што се бојат од Него.
Зашто Он го знае нашиот состав, помни дека сме прав.
Дневиве на човекот се како трева; како полски цвет, така цути тој.
Ќе дувне ли над него ветер, и веќе го нема, и местото негово повеќе нема да се познава.
А милоста на Господа е одвек и довек кон оние што се бојат од Него, и правдата Негова е врз синовите на синовите,
кои го чуваат заветот Негов и ги помнат заповедите Негови, за да ги исполнуваат.
Господ го постави Својот престол на небото, и царството Негово владее над сѐ.
Благословувајте го Господа, сите ангели Негови, моќни по сила, кои го извршувате Неговиот збор, слушајќи го гласот на Неговите зборови!
Благословувајте го Господа, сите Негови војски, Негови слуги, кои ја исполнувате волјата Негова!
Благословувајте го Господа, сите Негови дела, на секое место од Неговото владеење! Благословувај го, душо моја, Господа!

(На крајот се повторуваат следните завршни стихови):

На секое место од Неговото владеење, благословувај го, душо моја, Господа!

Слава Му на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вековите на вековите. Амин.

Алилуја, Алилуја, Алилуја, слава Ти, Боже! (трипати)