Псалм 103

Благословувај го, душо моја, Господа! Господи, Боже мој, Ти си се покажал премногу голем; во слава и велелепие си се облекол.
Ти се облекуваш во светлина како со облека, си го протегнал небото како шатор.
Ги покриваш со води Своите палати, ги правиш облаците Своја кола, одиш на крилјата од ветрот.
Ги правиш ангелите Свои духови, а Своите слуги – пламен огнен.
Ти ја утврди земјата на нејзините цврсти темели, таа нема да се помести во веки веков.
Со бездна како со облека си ја покрил; водите стоеја над горите.
Од Твојата закана тие бегаат, од гласот на Твојот гром се уплашуваат.
Се искачуваат на горите, слегуваат во долините, на местото што си им го одредил.
Си поставил граница што нема да ја преминат, и нема да се вратат за да ја покријат земјата.
Ти изведуваш извори во долините; меѓу горите течат води.
Ги напојуваат сите полски ѕверови; дивите магариња ја гаснат својата жед.
Крај нив живеат птиците небесни, меѓу гранките го испуштаат својот глас.
Ти ги напојуваш горите од Своите висини; од плодовите на Твоите дела се наситува земјата.
Ти правиш да расте трева за добитокот и билки за потреба на луѓето, за да извадат леб од земјата.
И виното го весели срцето на човекот, и елејот прави лицето да му блеска, и лебот го зацврстува срцето на човекот.
Се заситуваат дрвјата полски, ливанските кедри што си ги посадил;
таму птиците си прават гнезда, по претставниците од нив – штркот има дом на кипарисите.
Високите гори се прибежиште за елените, а карпите за зајаците.
Тој ја создаде месечината за да ги покажува времињата; сонцето го знае своето заоѓање.
Простираш темнина и настанува ноќ, во која се движат сите шумски ѕверови.
Лавчињата рикаат за плен и бараат храна од Бога.
Кога изгрее сонцето, тие се собираат и легнуваат во своите легла.
Човекот излегува по својата работа и на својот труд до вечерта.
Колку се многубројни Твоите дела, Господи! Сѐ со мудрост си создал; земјата е полна со Твоите созданија.
Ене го ова големо и пространо море; таму има лазачи без број, мали и големи животни.
Таму пловат бродови, таму е и оној змеј (левијатан) кого си го создал да си игра во него.
Сите тие од Тебе чекаат да им дадеш храна навреме.
Им даваш – собираат; ја отвораш раката Своја – се исполнуваат со добрина.
Го криеш ли лицето Свое – се сомуваат; им го земаш ли духот нивни – умираат и во правот свој се враќаат.
Го праќаш ли Духот Свој – се создаваат, и го обновуваш лицето на земјата.
Нека биде вечна славата на Господа; нека се весели Господ за Своите дела!
Тој погледнува на земјата, и таа трепери; се допира до горите, и тие чадат.
Ќе Му пеам на Господа во целиот свој живот, ќе Му пеам на мојот Бог сѐ додека постојам.
Нека Му биде пријатна мојата песна; а јас ќе се веселам во Господа.
Нека ги снема грешниците од земјата, и беззакониците да ги нема повеќе. Благословувај го, душо моја, Господа!

(На крајот од читањето во црквата, трипати се повторуваат следните стихови како славословие):

Сонцето го знае своето заоѓање. Простираш темнина и настанува ноќ. Колку се многубројни Твоите дела, Господи! Сѐ со мудрост си создал.

Слава Му на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вековите на вековите. Амин.

Алилуја, Алилуја, Алилуја, слава Ти, Боже! (трипати)