Псалм 142
Господи, услиши ја молитвата моја, послушај го молењето мое заради Твојата вистина; услиши ме заради Твојата правда.
И не стапувај во суд со Твојот слуга, зашто пред Тебе нема да се оправда ниту еден жив човек.
Непријателот ја прогонува душата моја, го понизи со земја животот мој, ме фрли во темнина како оние што се одамна умрени.
И отпадна духот мој во мене, се вознемири срцето мое во мене.
Се сетив на дамнешните денови, размислував за сите Твои дела, за делата на Твоите раце размислував.
Ги подадов рацете свои кон Тебе; мојата душа е пред Тебе како сува земја.
Брзо услиши ме, Господи, духот мој изнемоштува; не одвраќај го лицето Свое од мене, за да не залутам со оние што слегуваат во гроб.
Направи да ја слушнам наутро Твојата милост, зашто во Тебе се надевам, Господи. Покажи ми го патот по кој да одам, зашто кон Тебе ја издигнувам душата своја.
Избави ме од моите непријатели, Господи, кај Тебе прибегнав.
Научи ме да ја исполнувам Твојата волја, зашто Ти си мојот Бог. Твојот Благ Дух нека ме води по праведен пат.
Заради Твоето име, Господи, ќе ме оживиш; заради Твојата правда ќе ја избавиш од неволја душата моја.
И по Твојата милост истреби ги моите непријатели и погуби ги сите што ја мачат душата моја, зашто јас сум Твој слуга.
(На крајот од читањето во црквата, по традиција двапати се повторуваат следните завршни стихови):
Услиши ме, Господи, заради Твојата правда и не стапувај во суд со Твојот слуга.
Услиши ме, Господи, заради Твојата правда и не стапувај во суд со Твојот слуга.
Твојот Благ Дух нека ме води по праведен пат.
Слава Му на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вековите на вековите. Амин.
Алилуја, Алилуја, Алилуја, слава Ти, Боже! (трипати)