Псалм 62
Боже, Боже мој, кон Тебе ранам (подранувам); ожедне за Тебе душата моја, колку пати за Тебе копнее телото мое, во земја пуста, непроодна и безводна.
Така во светилиштето се појавив пред Тебе, за да ја видам Твојата сила и Твојата слава.
Зашто Твојата милост е подобра од животот; моите усни ќе Те фалат.
Така ќе Те благословувам во мојот живот, во Твоето име ќе ги кревам рацете свои.
Како со сочност и мрснотија нека се насити душата моја, и со радосни усни ќе Те фали устата моја.
Кога се сеќавав на Тебе во мојата постела, во утринските часови размислував за Тебе.
Зашто Ти ми беше помошник, и под сенката на Твоите крилја ќе се радувам.
Душата моја се прилепи до Тебе; Твојата десница ме прифати.
А оние што залудно ја бараа душата моја, ќе слезат во пеколот на земјата;
ќе бидат предадени на силата на мечот, ќе станат плен на лисиците.
А царот ќе се весели во Бога, ќе биде пофален секој кој се колне во Него, зашто ќе се затне устата на оние што зборуваат неправда.
(На крајот се повторуваат следните завршни стихови):
Во утринските часови размислував за Тебе, зашто Ти ми беше помошник, и под сенката на Твоите крилја ќе се радувам.
Душата моја се прилепи до Тебе; Твојата десница ме прифати.
Слава Му на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вековите на вековите. Амин.
Алилуја, Алилуја, Алилуја, слава Ти, Боже! (трипати)