Псалм 90
Кој живее под закрилата на Севишниот, ќе се всели под сенката на Бог Небесниот.
Ќе Му рече на Господа: Ти си мој застапник и мое прибежиште, Бог мој, на Кого се надевам.
Зашто Тој ќе те избави од стапицата на ловците и од зборот што вознемирува. Со плеќите Свои ќе те засени, и под Неговите крилја ќе се надеваш; Неговата вистина ќе те опкружи како оружје.
Нема да се уплашиш од ноќен страв, од стрела што лета дење, од зло што оди во темнина, од напад и демон напладне.
Ќе паднат покрај тебе илјада и десет илјади од десната твоја страна, но до тебе нема да се приближи. Само со очите свои ќе гледаш и ќе ја видиш платата на грешниците.
Зашто Ти, Господи, си моја надеж; Севишниот го постави за свое прибежиште. Нема зло да ти се случи, и рана нема да се приближи до твоето тело.
Зашто на Своите ангели ќе им заповеда за тебе, да те чуваат на сите твои патишта. На раце ќе те носат, да не ја сопнеш од камен ногата своја.
На аспида и василиск ќе стапнеш, и ќе згазиш лав и змеј.
Бидејќи се надеваше на Мене, ќе го избавам; ќе го заштитам, зашто го позна името Мое. Ќе повика кон Мене, и ќе го чујам; со него сум во неволја, ќе го избавам и ќе го прославам. Со долг живот ќе го исполнам и ќе му го покажам Моето спасение.