Секојдневни молитви
Молитва за христијанско смирение
Господи, Ти ги гледаш слабостите на моето срце, Ти знаеш колку често се предавам на ѓаволски искушенија и се исполнувам со гордост и надуеност. Мислам за себе повеќе отколку што е потребно, се гордеам пред моите блиски и чекам да ме почитуваат повеќе отколку што заслужувам, а тоа го правам од самољубие. Со мисли, зборови и дела не ја барам Твојата слава, ами своето прославување пред луѓето, затоа, Господи на моето смирение, мојата душа е пуста и моето срце не наоѓа утеха. Ме гризе гордоста на себељубието, не ми дава спокој, ме унижува пред мене самиот, ми ги расипува односите со блиските, ме води кон кавги, неразбирање и ми го расипува животот. Како би можел да застанам пред Тебе или да направам нешто достојно за Твоето величие, кога сум обременет со мисли и чувства спротивни на Тебе? Велик Господи, Ти ни даде пример на смирение и нé поучи да бидеме смирени по срце. Ти се понизи, прими образ на човек, за да го спасиш човекот. Твојот земен живот беше подвиг на смирение. Ти им ги изми нозете на Твоите ученици, Ти им послужи на сите и го даде својот живот за спасение на човекот. Со смирение ги претрпе страданијата и крстот. Ни даде пример и поука за смирение: „Поучете се од Мене, зашто сум кроток и смирен и ќе најдете спокој на своите души“. Не сум достоен да Ти се обраќам, Господи, не сум достоен да го носам Твоето свето име, да ги подигам моите очи кон Тебе и да го спомнувам Твојот свет знак. Мојата гордост и моето самољубие го оддалечуваат мојот дух од Тебе. Владико Човекољупче, смилувај се над мојата нераскајана душа, ослободи ме од смрадната гордост, од огнот на надменоста, од црвецот на рѓата, од самољубието. Да најде мир мојата душа во согласност со Твојот совршен и божествен дух. Дај ми сила да го победам овој спротивен дух, кој ме напаѓа и измачува, кој ме гони да се гордеам, за да заслужувам осуда со него. Поведи ме кон смирение; смиренството ќе ме утврди во љубовта кон Тебе, љубовта ќе ја оправда мојата вера, а верата ќе ме спаси. Во Твоето вечно царство направи ме учесник преку смирение. Издигни ме од слабоста на сегашната духовна состојба, та сé што имам и сé што ќе имам — добра, чест, знаење, име, положба и сé друго во овој свет — да има вредност пред Тебе, — оценителот на вистинското добро, и да ми послужи за изградување на Твоето царство во човечките души. Ако ми ја дадеш оваа голема милост, Учителе благи, чувај ме од погубното влијание за духовно предимство пред душите, надари ме со смирението на митарот. Боже, биди милостив кон мене грешниот. Амин.
Молитва за подобар христијански живот
Господи, Господи, сило на моето спасение! Свртѝ си го лицето од моите гревови, избриши ги моите беззаконија и помогни ми да се засили мојата вера во Тебе, Спасителот наш. Мојата љубов кон Тебе да ги надвиши сите природни сили и секаква земна приврзаност. Верувам, Господи, помогни му на моето неверје, пројавувано во мисли, зборови и дела. Разврзи го мојот ум од врските на овој свет, за да мислам според законите на Твојот божествен разум. Ослободи го моето срце од товарот што лежи на него и го притиска кон земното. Окрили ја мојата волја, за да ја бара и извршува Твојата света волја. Води ги моите стапки кон верата и љубовта, зашто несигурно одам и многу пречки има во патиштата на мојот живот. Ти си патот на спасението. Нека Твојата вечна светлина ја просветлува мојата душа, та да може во сите случаи на сомневање, колебливост, нерешителност, земен страв или човечка суетност да Те наоѓа Тебе — патот на вистинскиот живот. Чувај ме од секакво телесно мудрување, кое е непријателство против Тебе, против Твојата вистина и волја.
Не дозволувај да ме завладее мислата на земното. Ти знаеш што е нужно за мојот земен живот. Не ме лишувај од тоа, туку помогни ми да го придобивам преку благословениот од Тебе труд. Закрилувај ме од лукавото мудрување на телото, кое го смета земното богатство за најголема вредност. Дај ми очи да го гледам животот во вистинска, а не во лажна светлина и секогаш да паметам дека пред сé друго треба да ги барам Твоето царство и Твојата правда и дека сé друго ќе ми биде дадено. Господи, Твојата милост е до небесата, Твојата вистина — до облаците, Твојата правда е како планините, а Твоите планови — голема бездна. Помогни ми да успевам во духовниот живот, душата моја секогаш да Те прославува Тебе, Господи на моето спасение. Амин.