Шестопсалмие (Срцето на Утрената служба)

Псалм 3
(Надеж во Бога против сите непријатели)
Господи, колку многу се намножија противниците мои! Мнозина се креваат против мене; мнозина велат за душата моја: нема помош за него во Бога! (Диапсалма). Но Ти, Господи, си штит мој, слава моја; Ти ја подигаш главата моја. Со гласот свој викам кон Господ, и Тој ме слуша од Својата света гора. (Диапсалма). Легнувам, спијам и станувам, зашто Господ ме чува. Не се плашам од многу илјади луѓе, што од сите страни навалиле на мене. Стани Господи! Спаси ме, Боже мој! Зашто Ти ги удираш по лице сите мои непријатели и им ги здробуваш забите на грешниците. Од Господ е спасението. Твојот благослов нека биде врз народот Твој.

Псалм 37
(Животот на праведникот и на безбожникот)
Господи, во јароста Своја не карај ме и во гневот Свој не казнувај ме, зашто стрелите Твои се забија во мене, и Твојата рака тежи врз мене. Нема ништо здраво на моето тело од Твојот гнев; во коските мои нема мир поради гревот мој; зашто беззаконијата мои ја надвишија главата моја, како тешко бреме ме притиснаа. Смрдат и гнојат раните мои поради безумието мое. Се згрбавив и се стопив сосема, цел ден натажен одам; слабината ми е воспалена, нема здраво место на телото мое. Исцрпен сум и дотолчен; рикав поради воздишките на срцето мое. Господи, пред Тебе се сите мои копнежи, и мојата воздишка не е сокриена од Тебе. Срцето засилено ми бие, ме напушти силата моја, и светлината на очите мои, - и неа ја нема во мене. Моите пријатели и моите ближни се приближија и не се доближија; застанаа подалеку од мене, а оние што ја бараат душата моја, ми поставуваат примки, говорат за пропаст и секој ден кројат сплетки; а јас, пак, како глув не слушам и како нем сум, кој не ја отвора устата своја; станав како човек што не слуша и што во устата своја нема одговор, зашто на Тебе, Господи, се надевам; Ти ќе одговориш, Господи, Боже мој. Зашто се молам само да не се погордеат над мене моите непријатели; и кога ќе ми се поколебаат нозете мои, тие да не се кренат над мене. Готов сум да паднам, и болот мој секогаш е со мене. Беззаконието свое го признавам и ќе жалам поради гревот мој. А оние што ми се непријатели без причина, се силни и се намножија оние што неправедно ме мразат, ми враќаат зло за добро, ми станаа противници, зашто јас сум за добро. Не оставај ме, Господи, Боже мој, не оддалечувај се од мене; побрзај да ми помогнеш, Господи, Спасителу мој!

Псалм 62
(Копнеж за заедништво со Бога)
Боже, Ти си мојот Бог, Тебе Те барам; за Тебе зажедне душата моја. За Тебе копнее телото мое како земја пуста, неплодна и безводна! И така со поглед Те барав во Светилиштето Твое, за да ја видам Твојата сила и Твојата слава. Зашто милоста Твоја е подобра од животот, устата моја ќе Те фали. Така ќе Те благословувам во животот мој, и во Твое име ќе ги кревам рацете мои. Како со маст и масло се наситува душата моја, и со радосен глас ќе те фали устата моја. Кога ќе се сетам за Тебе во постелата моја, во ноќните часови за Тебе размислувам, зашто Ти си ми помошник и под сенката на Твоите крилја Ти пеам. Кон Тебе се прилепува душата моја, твојата десница ме поддржува. А оние кои сакаат да ме лишат од мојот живот, ќе слезат во длабочината на Земјата. Ќе бидат предадени на силата на мечот; ќе станат плен на чакалите.

Псалм 87
(Молитва во тешко искушение и во смртна опасност)
Господи, Боже на моето спасение, дење Те повикувам и ноќе сум пред Тебе: за да дојде пред Тебе молитвата моја, приклони го увото Свое кон молбата моја, Господи, зашто душата моја е полна со јад и животот ми се приближи до адот. Се изедначив со оние што слегуваат во гроб; станав како немоќен човек, како фрлени и ранети што лежат во гроб, за кои Ти веќе не се сеќаваш; тие се оттурнати од Твојата рака. Ме положи во подземен ров, во мрак и во смртна сенка. Ја истури врз мене Твојата јарост, и со сите Свои бранови ме поразуваш. (Диапсалма). Ти ги оддалечи од мене моите познати, ме направи одвратен за нив; затворен сум и не можам да излезам. Очите мои ослабеа од тага: цел ден викам кон Тебе, Господи, ги протегам рацете кон Тебе. Зар за мртовци ќе правиш чуда? Зар сенките ќе се кренат и ќе Те слават? Зар во гроб некој ќе кажува за Твојата милост и за Твојата вистина - во местото на распаѓањето? Зар во темнината ќе ги објавуваат Твоите чудеса, и во земјата на заборавот - Твојата правда? Но јас повикав кон Тебе, Господи, и наутро молитвата моја доаѓа пред Тебе. Зошто, Господи, ја оттурнуваш душата моја и го одвраќаш лицето Свое од мене? Јас сум несреќен и од раната младост се мачам; страдам во ужас и очаен сум. Над мене се надви Твојата јарост, Твоите заплашувања наполно ме скршија. Секој ден ме опкружуваат како вода: од сите страни ме опседнуваат. Ти го оддалечи од мене ближниот и пријателот; мракот ми е единствен другар.

Псалм 102
(Благословувајте Го Господа)
Благословувај Го, душо моја, Господа, и целата моја внатрешност да го благословува Неговото свето име! Благословувај Го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини, на Оној, Кој ги очистува сите твои беззаконија, Кој ги исцелува сите твои болести; Кој го избавува од пропаст твојот живот, Кој те овенчува со милост и со добрини. Кој го исполнува со добра животот твој, како на орел ти ја обновува твојата младост. Господ им дава милост и правда на сите угнетени. Тој му ги покажа Своите патишта на Мојсеј, на Израелевите синови - делата Свои. Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив; Тој не се гневи до крај, ниту вечно се лути. Тој не постапува со нас според нашите беззаконија и не ни плаќа според нашите беззаконија; зашто, колку е големо растојанието од небото до Земјата, толку е голема милоста на Господ спрема оние што се бојат од Него; колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечува Тој од нас нашите престапи; како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него. Зашто Тој го знае нашиот состав, помни дека сме прав. Дните на човекот се како трева; како полски цвет, така прецутува тој; ќе дувне ли над него ветар, и веќе го нема, и местото негово веќе не го памети. А милоста на Господ е од век до век спрема оние, кои се бојат од Него, и правдата Негова е од чеда на чеда, кои го чуваат заветот Негов и ги помнат заповедите Негови. Господ го постави Својот престол на небото, и царството Негово владее над сè. Благословувајте Го Господа - сите ангели Негови, вие крепки по сила, кои го извршувате Неговиот збор, слушајќи го гласот од зборот Негов; благословувајте Го Господа - сите Негови војски, Негови служители, кои ја исполнувате волјата Негова; благословувајте Го Господа сите Негови дела, по сите места на Неговото владеење. Благословувај Го, душо моја, Господа!

Псалм 142
(Смирена молитва на страдалник)
Господи, слушни ја молитвата моја, чуј го молењето мое поради Твојата верност; услиши ме според Твојата праведност и не стапувај во суд со Твојот слуга, зашто пред Тебе нема да се оправда ниту еден од живите. Непријателот ја прогонува душата моја, го скршил животот мој дури до земјата, ме остави во темнина како оние кои се одамна умрени; опадна духот мој во мене, се скамени во мене срцето мое. Се сеќавам на дамнешните дни и размислувам за сите Твои дела, расудувам за делата на Твоите раце. Ги протегнав кон Тебе рацете мои, душата моја е жедна за Тебе како сува земја. (Диапсалма). Слушни ме, поскоро, Господи: духот мој премале; не одвраќај го лицето Свое од мене, за да не заприлегам на оние, што слегуваат во гроб. Соопшти ми ја рано милоста Твоја, зашто во Тебе се надевам, Господи. Покажи ми го, Господи, патот по кој да одам, зашто кон Тебе ја издигам душата своја. Избави ме, Господи, од моите непријатели, зашто кај Тебе прибегнав. Научи ме да ја исполнувам волјата Твоја, зашто Ти си мојот Бог. Твојот благ дух нека ме води по прав пат. Заради Твоето име, Господи, зачувај ми го животот; поради Твојата праведност - избави ја од неволја душата моја. Според милоста Твоја истреби ги непријателите мои и погуби ги сите, кои ја измачуваат душата моја, зашто јас сум слуга Твој.