Утрински молитви

УТРИНСКИ МОЛИТВИ
Разбудувајќи се од сон, стани веднаш, и собирајќи го умот, кажи со побожност и страв Божји, крстејќи се:

Во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух; сега и секогаш и во сите векови.Амин.
Господи, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот!
Господи, Исусе Христе, Сине Божји, заради молитвите на Твојата Пречиста Мајка, и сите светии, помилуј нè. Амин!
Слава Ти, Боже наш, Слава Ти.
Цару Небесен, Утешителу, Духу на вистината, Кој си насекаде и сè исполнуваш, Ризницо на добрините, Животодавче, дојди и всели се во нас, очисти нè од секаква нечистотија и спаси ги, Благи, душите наши.
Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни, помилуј нè. (трипати)
Слава на Отецот, и Синот и Светиот Дух; и сега и секогаш и во сите векови. Амин.
Пресвета Троице помилуј нè. Господи очисти ги нашите гревови. Владико, прости ни ги нашите беззаконија. Свети, посети нè и исцели ги нашите слабости заради Твоето име.
Господи помилуј. (трипати)
Слава на Отецот, и Синот и Светиот Дух; и сега и секогаш и во сите векови. Амин.
Молитва Господова
Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде Царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата. Лебот наш насушен дај ни го денес, и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници и не воведувај нè во искушение, туку избави нè од лукавиот.
Зашто Твое е царството и силата и славата на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Потоа овие Троични тропари, глас 1
Од сон станати, Ти припаѓаме, Благи, и ангелската песна Ти ја пееме, Силни:„Свет, Свет, Свет си Боже, поради Богородица помилуј нè!“
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Од одарот и сонот си ме подигнал, Господи, просвети го умот мој и срцето мое и отвори ја устата моја, за да Те воспева, Света Троице:„Свет, Свет, Свет си Боже, поради Богородица помилуј нè!“
И сега и секогаш и во сите векови. Амин.
Одненадеж Судијата ќе дојде и делата на секого откриени ќе бидат, но со страв на полноќ повикаме:„Свет, Свет, Свет си Боже, по молитвите на Богородица помилуј нè!“
Господи помилуј. (12 пати)
Молитва кон Света Троица
Откако станав од сон, Ти благодарам, Света Троице, зашто поради Твојата голема добрина не се разгневи на мене мрзливиот и грешниот, ниту ме погуби заради моите беззаконија, но се покажа, како и обично, човекољубива, и кога лежев без надеж, ме крена за да станам рано и да ја прославам Твојата сила. И сега просветли ми ги моите духовни очи, отвори ми ја устата, за да се поучувам со Твоите зборови, да ги разбирам Твоите заповеди, да ја извршувам Твојата волја, да Ти пеам со искрена пофалба и да го прославам Твоето пресвето име — на Отецот, и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Молитва
Слава Ти, Цару, Боже Седржителу, зашто по својата божествена и човекољубива промисла ме удостои мене грешниот и недостојниот од сон да станам и во светиот Твој дом да влезам.
Прими го, Господи, и гласот на мојава молитва, како на светите и духовни Твои Сили, и благоволи со чисто срце и дух смирен, пофалба да Ти принесам од моите скверни усни: та и јас станувајќи учесник со мудрите девојки, со запалената светилка на мојата душа да Те славам Тебе, во Отецот и Светиот Дух, прославениот Бог Слово. Амин.
Дојдете, да Му се поклониме на Царот нашиот Бог.
Дојдете, да Му се поклониме и да припаднеме кон Христа, Царот, нашиот Бог.
Дојдете, да Му се поклониме и да припаднеме кон Самиот Христос, Царот и Бог наш.

Псалм 50
Помилуј ме, Боже, поради Твојата голема милост, и поради мноштвото на штедроста Твоја, очисти ме од беззаконието мое.
Најнапред измиј ме од моето беззаконие и од гревот мој очисти ме.
Зашто јас го знам моето беззаконие и грвот мој секогаш е пред мене.
Тебе единствено Ти згрешив и зло пред Тебе сторив, за да се оправдаш во зборовите Свои и да победиш кога ќе судиш.
Ете, во беззаконие сум зачат и во грев ме роди мојата мајка.
Ете, вистината си ја возљубил, и надумната и тајна премудрост твоја си ми ја јавил.
Пороси ме со исоп и ќе се очистам, измиј ме и побел од снег ќе бидам.
Дај ми да слушам радост и веселба, да се зарадуваат коските скрушени.
Одврати го лицето Твое од гревовите мои, и сите мои беззаконија избриши ги.
Срце чисто соѕидај во мене, Боже, и дух вистински обнови во утробата моја.
Не отфрлај ме од лицето Твое и Духот Твој Свет не одземај го од мене.
Дај ми ја радоста на спасението Твое и со Дух Владичествен утврди ме.
Ќе ги научам беззакониците на патиштата Твои, и нечистивите кон Тебе ќе се обратат.
Избави ме од крв, Боже, Боже на моето спасение, ќе се зарадува јазикот мој на правдата Твоја.
Господи, усните мои отвори ги и устата моја ќе ја објавува пофалбата Твоја.
Зашто да сакаше жртва, ќе Ти ја принесев, но сепаленици не благоволиш.
Жртва за Бога е духот скрушен, срцето скрушено и смирено Бог не ќе го презре.
По благоволението Свое, Господи, направи му добро на Сион и нека се возвишат ѕидните ерусалимски.
Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, приносите и сепалениците, тогаш на олтарот Твој ќе се полагаат телци.
Символ на верата
1 Верувам во Едниот Бог Отец, Седржител, Творец на небото и на земјата, на сè видливо и невидливо;
2 И во Едниот Господ Исус Христос, Синот Божји, Единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови; Светлина од Светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, нестворен, единосушен со Отецот, преку Кого сè станало.
3 Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од небесата, се воплоти од Светиот Дух и Дева Марија и стана човек.
4 И Кој беше распнат заради нас во времето на Понтиј Пилат, страдаше и беше погребен.
5 И Кој воскресна од третиот ден, според Писмото.
6 И Кој се вознесе на небесата, и Кој седи оддесно на Отецот.
7 И Кој пак ќе дојде со слава да им суди на живите и мртвите и Неговото Царство не ќе има крај.
8 И во Светиот Дух, Господ, Кој дава живот, Кој исходи од Отецот, кој со Отецот и Синот е сопоклонуван и сославуван и Кој говорел преку пророците.
9 Во едната, света, соборна и апостолска Црква.
10 Исповедам едно крштение за прошка на гревовите.
11 Го чекам воскресението на мртвите
12 и животот во идниот век. Амин.
Молитва прва, на свети Макариј Велики
Боже, очисти ме мене грешниот, зашто ништо добро не сторив пред Тебе, но избави ме од лукавиот и нека волјата Твоја биде во мене, за неосудено да ја отворам устата моја недостојна и да го восфалам Твоето свето име; на Отецот, и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.
Молитва втора, на свети Макариј Велики
Од сон станав, Спасителе, и Ти принесувам полноќна песна, се поклонувам пред Тебе и извикувам: не ми давај да заспијам во грешна смрт. Ти Кој доброволно беше распнат на крстот, издигни ме мене што лежам во мрзливост, побрзај да ме кренеш и да ме спасиш, за да стојам пред Тебе и да Ти се молам. А по ноќниот сон, дај да изгрее во мене безгрешен ден, Христе Боже, и спаси ме.

Молитва трета, на свети Макариј Велики
Човекољбив Владико, станав од сон и брзам да дојдам при Тебе и по Твојата милост се трудам да ги извршувам Твоите дела. Ти се молам, помагај ми во секое време и во секоја работа, избавувај ме од секакво светско зло и од ѓаволски искушенија. Спаси ме и воведи ме во Твоето вечно царство. Зашто Ти си мојот Создател, и Промислител и Дарител на секакво добро. Во Тебе е сета моја надеж. Тебе Те прославувам сега, секогаш и во вечни векови. Амин.

Молитва четврта, на свети Макариј Велики
Господи, Ти со Твојата голема добрина и милост ми помогна мене, Твојот слуга, да ја поминам оваа ноќ без напади од секакво непријателско зло. Ти, Владико и Создателе, удостој ме со Твојата вистинска светлина, та со просветено срце да ја извршувам Твојата света волја, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.

Молитва петта, на свети Василиј Велики
Господи Седржителе, Боже на силите и на секое тело, Ти живееш во висините и милосрдно погледнуваш на нас смртните. Ти ги испитуваш срцата и јасно ги знаеш човечките тајни. Ти си бесконечна и вечна светлина, во која нема промена ниту сенка од измена. Бесмртни Царе, прими ги нашите молитви, кои, надевајќи се на Твоето милосрдие, Ти ги принесуваме од нашите нечисти усти. Прости ни ги прегрешенијата што сме ги направиле со дела, зборови и мисли, свесно или несвесно. Очисти не од секаква нечистотија на телото и духот. Ние кои го чекаме доаѓањето на светиот и славен ден на Твојот еднороден Син, Господ и Бог наш Исус Христос, кога ќе дојде во слава, како Судија на сите, за да даде на секого според неговите дела; дај ни со бодро срце и трезвена мисла да ја поминеме ноќта на сегашниот живот. Да не бидеме безгрижни и мрзливи, да бидеме бодри и работливи, да нѐ најдеш подготвени, за да влеземе во радоста на божествениот чертог на Твојата слава, каде што не престанува гласот на оние што празнуваат и неискажлива е насладата на оние што ја гледаат бескрајната убавина на Твоето лице. Зашто Ти си вистинската светлина, што го просветлува и осветува целиот свет, Тебе Те прославува секое творение во вечни векови. Амин.

Молитва шеста, на свети Василиј Велики
Те благословуваме, вишни Боже и милостив Господе, Ти секогаш правиш со нас големи и неискажливи, без број славни и необични дела. Ти ни даваш сон за успокојување на нашата немоќ и за одмор на нашето преморено тело. Ти благодариме што не нѐ погуби заради нашите беззаконија, но се покажа, како и секогаш, човекљубив. Нѐ крена нас кои безнадежно лежевме, за да ја прославуваме Твојата сила. Затоа се молиме на Твојата бескрајна добрина да ги отвори духовните очи, да го разбуди нашиот ум од длабокиот сон на мрзливоста. Отвори ја нашата уста и исполни ја со пофалба за Тебе, та да можеме смело да Ти пееме и да Те прославуваме Тебе, Кој си со сѐ и од сите прославуван Бог и беспочетен Отец, со Твојот еднороден Син и сесветиот, благиот и животворниот Твој Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.

Молитва седма, Полноќна песна на Пресвета Богородица
Ја воспевам Твојата милост, Богородице, Ти се молам просветли го мојот ум. Научи ме да одам право по патот на Христовите заповеди. Укрепи ме за да бидам силен во песната што го прогонува сонот на очајанието. Со Твоите молитви, Богоневесто, разврзи ме од оковите на гревот. Чувај ме дење и ноќе, прогонувај ги непријателите што ме напаѓаат. Која си го родила Дарителот на животот, оживи ме мене умртвениот од страстите. Ти, Кoja си ја родила светлината што не заоѓа, просветли ја мојата ослепена душа. О, пречудна Палато на Господа, направи ме да бидам дом на божествениот Дух. Ти, Кoja си Го родила Лекарот, излекувај ги многугодишните страсти на мојата душа, Јас сум зафатен од брановите на животната бура, Ти се молам, Мајко Божја, да ме насочиш кон патот на покајанието. Избавиме од вечниот оган и од лошиот пеколен црвец. Не дозволувај да станам радост на бесовите, зошто сум виновен за многу гревови. О пречиста Мајко, обновиме мене пропаднатиот поради моите безбројни гревови. Помогни ми и моли го господарот на сите да отстрани од мене секаква мака. Удостој ме да ја добијам небеската радост со сите светии Пресвета Дево, послушај го гласот на Твојот недостоен слуга. Давај ми, Пречиста Дево, поток од солзи и измиј ја нечистотијата од мојата душа. Непрестано Ти принесувам воздички од срце, биди милостива, Владичице! Прими ја мојата молитва и принеси ја на милосрдниот Бог. Ти, повисока од ангелите, помогни ми да се издигнам над светските работи. Светлоносен Покрову небесен , осени ме со духовната благодат. Кревам раце, Пречиста, и ти отворам моите оскверети усти, за да Те прославувам. Избави ме од душегубни беди и моли Го сесрдно Христа, Кому Му припаѓа чест и поклонување, сега, секогаш и во вєчни векови. Амин.

Молитва осма, на нашиот Господ Исус Христос
Многумиластив Боже мој, Господи Исусе Христе, Ти слезе од небото и се овоплоти да нѐ спасиш сите. Ти се молам, Спасителе, спаси ме со благодатта. Зашто ако ме спасиш поради делата, тоа нема да биде благодат и дар, а би било повеќе должност. О, премилостив Христе, Ти си рекол: „Кој верува во Мене ќе биде жив и нема да види смрт во векови“. Ако верата во Тебе ги спасува очајните, ете, јас верувам — спаси ме, зошто Ти си мој Бог и Создател. Прими ја мојата вера наместо дела, Боже мој, зошто не ќе најдеш дела во мене кои би ме оправдале. Но, верата моја да биде доволна за сé: таа да ме заштити, таа да ме оправда, таа да ме направи учесник на Твојата вечна слава. Слово Божјо, да не ме грабне сатаната и да се пофали дека ме украл од Твојата рака и од Твојата ограда. Сакал јас или не сакал, Христе, Спасителе мој, спаси ме; побрзај, загинувам. Ти си Бог мој уште од утробата на мојата мајка. Удостој ме, Господи, да Те засакам сега како што некогаш го засакав самиот грев, и пак да отпочнам сесрдно да ти служам без мрзливост, на мојот Господ и Бог Исус Христос, во сите дни на мојот живот и секогаш и во сите векови. Амин.
Од ноќ подранува мојот дух кон Тебе, Боже, зошто Твоите повелби се светлина. Научи нѐ, Боже, на Твојата правда и на Твоите заповеди. Просвети ги нашите духовни очи, за да не заспиеме во гревовна смрт. Изгони секој мрак од нашите срца. Озари нѐ со сонцето на Твојата правда и со печатот на Твојот Свет Дух, запази ги чисти нашите души. Упати ги нашите стапки кон патот на мирот. Да дочекаме ново утро и нов ден во радост и да Те прославуваме со утринските молитви. Зашто Твое е царството, и силата и славата на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, и секогаш и во вечни векови. Амин.
Молитва деветта, на Ангелот чувар
Ангеле свети, ти ја просветуваш мојата несреќна душа, ти се молам не отстапувај од мене поради мојата невоздржливост. Не дозволувај му на лукавиот демон да владее над мене. Закрепи ја мојата слаба рака и упатувај ја кон спасение. О, свети ангеле Божји, пазителе и покровителе на мојата несреќна душа и на моето грешно тело, прости ми сѐ со што сум те наскрбил во сите денови на мојот живот. Ако сум згрешил во изминатата ноќ, закрилувај ме во денешниот ден и запазувај ме од секакво ѓаволско искушение, та со никаков грев да не го разгневам Бога. Моли се за мене на Господа да ме утврди во страв пред Него и да ме направи достоен слуга на Својата благост. Амин.
Молитва кон светителот што го славиш или чие име го носиш
Свети Божји угодниче (името на светителот) моли Го Бога за мене, јас сесрдно брзам кон тебе, затоа што ти си помошник и молител на мојата душа.
Богородице Дево, радувај се, благодатна Марие, Господ е со Тебе! Благословена си Ти меѓу жените и благословен е плодот на Твојата утроба, затоа што си Го родила Спасителот на нашите души.
Тропар на чесниот Крст
Спаси ги, Господи, Твоите луѓе и благослови го Твоето наследство, дарувај му на нашиот православен народ победи над непријателот и запази го со Твојот животворен крст.
Завршна утринска молитва кон Пресвета Богородица
Пресвета Владичице моја, Богородице, со светите и сесилни твои молитви отстрани го од мене, смирениот и беден слуга твој, секое униние, заборавеност, неразумност, мрзливост, и сите скверни, лукави и хулни помисли од бедното срце мое и од помрачениот мој ум, и изгасни го пламенот на страстите мои, зашто ништ сум и беден.
Избави ме од множеството на моите лути и беззакони спомени и дела и ослободи ме од секое демонско дејство; зашто благословена си од сите родови и се слави пречесното име твое во сите векови.
Амин.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух;и сега и секогаш и во сите векови.Амин.
Господи помилуј. (трипати)
Отпуст
Господи Исусе Христе, Сине Божји,по молитвите на Пречистата Твоја Мајка,на преподобните и богоносни отци нашии на сите светии,спаси нè.
Амин.