Вечерни молитви

Вечерни молитви
Во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.
Господи, Исусе Христе, Сине Божји, по молитвите на Твојата Пречиста Мајка, на преподобните и богоносни отци наши и на сите светии, помилуј нè. Амин!
Слава Ти, Боже наш, слава Ти.
Цару Небесен, Утешителу, Духу на вистината, Кој си насекаде и сè исполнуваш, Ризницо на добрините и на живот Подателу, дојди и всели се во нас, очисти нè од секаква скверност и спаси ги, Благи, душите наши.
Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни, помилуј нè. (дванаесет пати)
Слава на Отецот, и Синот и Светиот Дух; и сега и секогаш и во сите векови. Амин.
Пресвета Троице помилуј нè. Господи очисти ги нашите гревови. Владико, прости ни ги нашите беззаконија. Свети, посети нè и исцели ги нашите слабости заради Твоето име.
Господи помилуј. (трипати)
Слава на Отецот, и Синот и Светиот Дух; и сега и секогаш и во сите векови. Амин.
Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде Царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата. Лебот наш насушен дај ни го денес, и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници и не воведувај нè во искушение, туку избави нè од лукавиот.


Потоа овие тропари:
Помилуј нè, Господи, помилуј нè, зашто никакво оправдување немајќи, ние грешните Ти ја принесуваме оваа молитва како на Владика, помилуј нè!
Слава на Отецот, и Синот и Светиот Дух.
Господи, помилуј нè, на Тебе се надеваме. Не гневи се силно на нас и не споменувај ги нашите беззаконија, туку погледни и сега како Милосрден и избави нè од непријателите наши. Зашто Ти си Бог наш, и ние сме луѓе Твои, сите сме дело на рацете Твои и името Твое го повикуваме.
И сега и секогаш и во сите векови. Амин.
Дверите на милосрдието отвори ни ги, благословена Богородице, за да не погинеме ние, кои на тебе се надеваме, туку преку тебе да се избавиме од неволјите, зашто ти си спасение на родот христијански.
Господи помилуј. (трипати)
Слава на Отецот, и Синот и Светиот Дух.
Молитва прва, на свети Макариј Велики, кон Бога Отецот:
Боже вечен и Цару на секое создание, Ти Кој ме удостои сè до овој час да бидам жив, прости ми ги гревовите што ги сторив денес со дело, со збор или со помисла и очисти ја, Господи, мојата смирена душа од секаква скверност плотска и духовна; дај ми, Господи, сонот во оваа ноќ во мир да ми мине, та станувајќи од скромната постела, во сите денови од мојот живот да му угодувам на Твоето пресвето име и да ги победам телесните и бестелесните непријатели, кои со мене војуваат. Господи, избави ме од суетните помисли што ме осквернуваат и од желбите лукави; зашто Твое е Царството, и силата и славата, на Отецот, и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Молитва втора, на свети Антиох, кон нашиот Господ Исус Христос:
Седржителу, Слово на Отецот, единствен совршен Исусе Христе, поради Твоето големо милосрдие никогаш не одделувај се од мене, слугата Твој, туку секогаш биди во мене. Исусе, добар Пастиру на овците Свои, не предавај ме на змиско роптање, ниту на желба сатанска не оставај ме, зашто во мене има семе на гнилеж. Затоа Господи, препрославен Боже, свет Цару, Исусе Христе, чувај ме во сонот со Незалезната Светлина на Твојот Свет Дух, со Кого ги освети Твоите ученици. Господи, дај ми го и мене, недостојниот Твој слуга, спасението Твое на постелата моја; просвети го мојот ум со светлината на знаењето на Твоето свето Евангелие, душата со љубовта на Твојот крст, срцето со чистотата на Твоето Слово, моето тело со Твоите бестрасни страданија, мојата мисла сочувај ја во Твоето смирение и подигни ме во времето определено за Твое славење; зашто вечно си препорославен со беспочетниот Твој Отец и со Пресветиот Дух. Амин!

Молитва трета, на Пресветиот Дух:
Господи, Цару небесен, Утешителу, Духу на вистината, покажи го Своето милосрдие кон мене, грешниот Твој слуга, и помилуј ме. Отпушти ми мене недостоојниот и дај ми прошка за сè што денес Ти згрешив како човек, но и полошо од човек – како животно. Прости ми ги моите волни и неволни, сакани и несакани, знајни и незнајни гревови, оние од младоста и оние од наука злобна, од избрзување и од бесчувствителност. Ако во Твоето име се колнев, или во своите помисли го похулив; ако некого укорив, или оклеветив во гневот свој, или, пак, го растажив; ако поради нешто се разлутив; ако излажав; ако незгодно спиев; ако сиромав при мене дојде и го презрев; ако братот мој го разжалостив, или се карав; ако некого осудив; ако се возвеличав или возгордеав; ако се разгневив; ако стоејќи на молитва, умот мој по светски лукавства се поколеба, или на разврат помислив; ако се прејадов, или опив; ако безумно се смеев; ако лукавство помислив, или доблест туѓа видов и од неа во срцето бев ранет; ако зборував што не треба, или се потсмевав на гревот на својот брат иако моите гревови се безбројни; ако за молитва бев мрзлив, или, пак, некое друго лукавство направив – не се сеќавам; но сето тоа и уште повеќе од тоа сторив. Ти се молам смилувај се, Создателу, Владико мој, над мене, Твојот мрзлив и недостоен слуга, и остави, отпушти и прости ми како Благ и Човекољубив; за во мир да легнам, да заспијам и отпочинам јас блудниот, грешниот и беден. Ќе се поклонам, ќе го воспеам и ќе го прославам Твоето име, со Отецот и единородниот Син Негов, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Молитва четврта, на свети Макариј Велики:
Штo ќе Ти принесам, или со што ќе Ти возвратам, неизмерно добротворен бесмртен Царе, милосрден и човекољубив Господи? Зашто мене, кој сум мрзлив за служба кон Тебе и ништо добро не сум направил, ме доведе до крајот на овој изминат ден, устројувајќи обраќање и спасение на душата моја. Биди милостив кон мене грешниот и лишен од секое добро дело. Подигни ја душата моја падната, осквернета со безмерни гревови, и отстрани од мене секоја лоша помисла на овој видлив живот. Единствен Безгрешен, прости ги моите согрешенија со кои Ти згрешив овој ден свесно и несвесно, со збор и со дело и со мисла, и со сите свои сетила. Ти сам штитејќи ме мене, сочувај ме со Својата божествена власт и неискажливо човекољубие и сила од секоја противничка напаст. Очисти ги, Боже, очисти ги мноштво гревови мои, Благоволи, Господи, да ме избавиш од мрежата ѓаволска, и спаси ја мојата страсна душа, и озари ме со светлината на лицето Свое кога ќе дојдеш во слава, и сега направи да заспијам со нескверен сон и без мечтаења. И сочувај ја несмутена мислата на слугата Твој, и сета сатанинска дејност оддалечи ја од мене, и просвети ги духовните очи на срцето мое, за да не заспијам на смрт. И прати ми ангел на мирот, чувар и наставник на душата и телото мое, за да ме избави од непријателите мои, та, станувајќи од постелата своја, да Ти принесам благодарствени молитви. О Господи, услиши ме мене, по волја и совест грешен и убог слуга Твој; дарувај ми, откако ќе станам, да се поучам со зборовите Твои, и направи ангелите Твои да ја избркаат далеку од мене ѓаволската мрзливост, за да го благословам Твоето свето име, и да ја прославам и славам пречистата Богородица Марија, која си ни ја дал нам грешните како застапница, и прими ја неа која се моли за нас, зашто знам дека го побудува Твоето човекољубие и не престанува да се моли за нас. Со Нејзиното застапништво, и со знамението на чесниот крст, и заради сите свети Твои, сочувај ја бедната душа моја, Исусе Христе, Боже наш, зашто си свет и прославен во вечни векови. Амин.

Молитва петта:
Господи, Боже наш, сè што згрешив во овој ден, со збор, со дело или мисла, прости ми како Човекољубив. Подари ми сон мирен и безметежен и испрати го Твојот Ангел Пазител, кој ќе ме штити и засолнува од секое зло. Зашто Ти си Заштитник на душите и телата наши и Тебе слава Ти вознесуваме; на Отецот, и Синот и Светиот Дух; сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Молитва шеста:
Господи, Боже наш, во Кого веруваме, и Чие име над секое име го призиваме; дај ни нам, кои заминуваме на спиење, одмор на душата и телото и сочувај нè од секакво мечтаење и мрачни сласти. Сопри ја навалата на страстите и згасни ги распалените желби телесни. Дај ни целомудрено да поживееме во делата и зборовите, та водејќи добродетелен живот, да не отпаднеме од Твоите ветени добра; зашто си благословен вечно. Амин.

Молитва седма, на свети Јован Златоуст (молитви според бројот на часовите на денот и ноќта)
Дневни: Господи, не лишувај ме од Твоите небесни блага! Господи, избави ме од вечните маки! Господи, ако згрешив со ум или мисла, со збор или дело, прости ми! Господи, избави ме од секое незнаење, и заборавеност, и малодушност, и скаменета бесчувственост! Господи, избави ме од секое искушение! Господи, просветли го моето срце помрачено од лукавите желби! Господи, јас како човек згрешив, а Ти како милосрден Бог, гледајќи ја немоќта на душата моја, помилуј ме ! Господи, испрати ми ја на помош благодат Своја за да го прославам светото име Твое! Господи Исусе Христе, запиши ме мене, слугата Твој, во книгата на животот, и подари ми добар крај! Господи Боже мој, иако ништо добро не направив пред Тебе, по Твојата милост, дај ми да поставам добар почеток! Господи, ороси го срцето мое со росата на благодатта Твоја. Господи на небото и земјата, спомни ме мене, грешниот, бесрамниот и нечистиот слуга Твој, во царството Твое! Амин.
Ноќни: Господи, прими ме во покајание! Господи, не оставај ме! Господи, не воведувај ме во искушение! Господи, дај ми добра мисла! Господи, дај ми солзи и сеќавање на смртта, и умиление! Господи, дај ми помисла за исповедање на гревовите мои! Господи, дај ми смирение, целомудреност и послушност! Господи, дај ми трпение, великодушност и кротост! Господи, всади го во мене коренот на доброто: стравот Твој во срцето мое! Господи, удостој ме да Те љубам со сета моја душа и мисла, и во сè да ја творам волјата Твоја! Господи, закрилувај ме од некои луѓе, од демони, и страсти, и од секоја друга неприлична работа! Господи, знам дека правиш како што Ти сакаш, нека биде волјата Твоја и во мене грешниот, зашто си благословен во вечни векови! Амин.

Молитва осма, кон нашиот Господ Исус Христос:
Господи, Исусе Христе, Сине Божји, поради молитвите на Твојата Пречиста Мајка, и Твоите бесплотни ангели, заради пророкот, Претечата и Крстителот Твој, богоглаголивите апостоли, светлите и добропобедни маченици, преподобните и богоносни отци, и сите светии – избави ме од сегашните демонски напасти. Да, Господи мој и Создателу, Кој не ја сакаш смртта на грешникот, туку да се обрати и жив да биде, дај ми и мене грешниот и недостојниот обраќање. Оттргни ме од устата на змејот пагубен, кој зинал да ме проголта и во адот жив да ме сведе. Да, Господи мој, Утехо моја, Кој заради мене бедниот во тело пропадливо си се облекол, избави ме од секоја беда и утеха дај ѝ на беднава душа моја. Всади во срцето мое да ги извршувам повелбите Твои, лукавите дела да ги оставам; и да ги добијам блаженствата Твои, зашто на Тебе се надевав, Господи, спаси ме!

Молитва деветта на Петар Инок Студитски кон Пресвета Богородица:
Добра Мајко на добриот Цар, Пречиста и благословена Марие, милоста на Синот твој и Бог наш излеј ја на острастената душа моја, и со твоите молитви упатиме на добри дела, та останатото време од мојот живот беспорочно да го минам и преку тебе рај да добијам, Богородице Дево, единствена чиста и благословена!

Молитва десетта, кон светиот Ангел чувар:
Ангелу Христов, пазителу мој свет, покровителу на душата и телото мое, прости ми сè што згрешив во денов денешен и од секое лукавство на демонскиот противник избави ме, за да не Го прогневам со никаков грев мојот Бог; туку моли се за мене грешниот и недостојниот слуга и достоен покажи ме на милоста на Сесветата Троица, на мајката на мојот Господ Исус Христос и на сите светии. Амин!

Кондак на Богородица:
Тебе, Богородице, поборнице – војвотко, ние, слугите Твои, откако од зло се избавивме, песна пофална Ти воспеваме како кон онаа, која има сила непобедлива; од секоја опасност ослободи нè, за да ти повикуваме: „Радувај се, Невесто Неневестна!“
Преславна Приснодево, Мајко на Христа Бога, принеси ја молитвата наша пред Синот твој и Бог наш, за преку тебе да бидат спасени душите наши.
Сета надеж моја во тебе ја полагам, Мајко Божја, сочувај ме под закрилата твоја.
Богородице Дево, не презирај ме мене грешниот, кому помошта и застапништвото твое му требаат. На тебе се надева душата моја, помилуј ме!


Молитва на свети Јоаникиј:
Надеж моја е Отецот, прибежиште мое е Синот, покров мој е Духот Свет; Троице света, слава Ти!
Достојно е навистина блажена да те нарекуваме тебе, Богородице, присноблажена и пренепорочна и Мајко на нашиот Бог. Почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, нетлено си Го родила Бога Словото, тебе која си Богородица те величаме.
Слава на Отецот, и Синот и Светиот Дух; и сега и секогаш и во сите векови. Амин.
Господи помилуј. (трипати)
Господи, Исусе Христе, Сине Божји, по молитвите на Пречистата Твоја Мајка, преподобните и богоносни отци наши и сите светии, спаси ме мене грешниот!



Молитва на свети Јован Дамаскин (која се изговара укажувајќи на својата постела):
Владико Човекољупче, ќе ми биде ли оваа постела гроб, или душава моја бедна повторно со ден ќе ја осветлиш? Еве, гроб пред мене лежи, еве, смрт ми претстои. Од судот Твој и маките бескрајни се плашам, Господи, а не престанувам зло да правам. Тебе, Господи, мојот Бог, секогаш Те разгневувам, и Пречистата Твоја Мајка, сите Небесни Сили и светиот Ангел Пазител. Знам, Господи, дека не сум достоен за Твоето човекољубие, и заслужувам секаква осуда и мака. Но, Господи, сакал јас или не сакал, спаси ме! Зашто ако праведникот го спасиш, тоа не е ништо особено, или ако чистиот го помилуваш, тоа не е ништо чудно, зашто таквите се достојни на милоста Твоја. Но, врз мене грешниот стори го чудото на милоста Твоја, покажи го така чудото на човекољубието Свое, мојата грешност да не им надвладее на неискажливата благост и на милосрдието Твое и како што благоволиш, така со мене стори!

Потоа со поклон до земјата говори:
Се поклонувам пред Тебе, Пресвета Троице, едносуштна, животворна и неразделна: Оче, Сине и Свети Душе; верувам во Тебе, и исповедам, те славам, ти благодарам, те фалам, почитувам, те величам и молам: помилуј ме мене непотребниот слуга Твој. (трипати)
Се поклонувам пред Тебе, Пресвета Богородице, со Своето Рождество ни ја покажа Светлината вистинска, царице на небото и земјата: надеж на безнадежните, помошничке на немоќните, и застапничке на сите грешни; Ти закрили ме и сочувај ме од сите опасности и неволји душевни и телесни; Ти се молам , со Своите семоќни молитви биди ми застапничка. (поклон)
Пресвета Владичице Богородице, прими ја оваа мала молба и принеси ја на Синот Твој и на Бог наш, да заради Тебе ги спаси и просвети душите наши. (поклон)
Сите небесни чинови: Серафими, Херувими, Престоли, Господства, Сили, Власти, Поглаварства, Архангели и Ангели, ве молам и ве преколнувам, молете Му се на Бога за мене грешниот. (поклон)
Свети Јоване, велики пророче, претечо и Крстителу Господов, кој пострада за Христа и стекна слобода пред Господа, помоли се за мене грешниот да се спасам по молитвите твои. (поклон)
Свети Божји Апостоли, Пророци, Маченици, Светители, Испосници, Преподобни, Праведни, Пустиници, Црнорисци, Патријарси, и сите Свети, страдавте за Христа и стекнавте слобода пред Господа, молете Му се на Бога за мене грешниот да се спасам со вашите молитви. (поклон)
Свети Јоване Златоусте, со Василиј Велики, Григориј Богослов и чудотворец Николај, и со сите свети Свештеноначалници, помогнете ми и помилујте ме со вашите молитви и застапништво пред Бога . (поклон)
Преподобни и богоносни отци наши: Антониј и Теодосиј, Евтимиј, Теоктист, Сава, Онуфриј, Јоване Дамаскине, Симеоне Нов Богослов, и сите преподобни, молете Му се на Бога за мене грешниот. (поклон)
Свети македонски просветители и учители: свети Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски, Сава, Горазд и Ангелариј , и преподобните отци наши: Прохор Пчински, Гаврил Лесновски, Јоаким Осоговски, Гаврил Велички, Кирил Лешочки, Јоаким Крчовски, Јоаникиј Ракотински и сите преподобни отци, испосници, пустиници и маченици и сите светии молете го Бога да ме просветли и спаси. (поклон)
Сите свети жени: Мироносици, Маченици, Преподобни и Девственици, достојно Му послуживте на Христа, молете Му се на Бога за мене грешниот. (поклон)
Непобедлива и божествена сило на чесниот и животворен Крст Господов, не оставај ме мене грешниот, туку со Твојата сила заштити ме од секое душевно и телесно искушение. (поклон)
Пресвета Владичице Богородице, надеж на сите христијани, ние немаме друга надеж освен Тебе, пречиста Владичице моја Дево Богородице, Мајко на Христа Бога, затоа помилуј ме и избави ме од сите зла, и умоли Го милостивиот Син Свој и Бог мој, да ја помилува бедната душа моја, да ме избави од вечни маки и да ме удостои со царството Свое. (поклон)
Свети Ангелу Хранителу мој, закрили ме со крилјата на добрината Твоја, и оддалечи од мене секое лукаво дејство ѓаволско, и моли Му се на Бога за мене грешниот. (поклон)

Просвети ги очите мои, Христе Боже, да не би некогаш заспал на смрт, да не би некогаш рекол непријателот мој: посилен сум од него.
Слава: Заштитник на душата моја биди, Боже, зашто одам среде многу замки; избави ме од нив, и спаси ме, Благи, како човекољубец.
И сега: Непрестајно да ја прославуваме преславната Мајка Божја, која е посвета и од сите свети ангели, исповедајќи ја со срце и со уста како Богородица, зашто навистина ни Го роди Бога воплотениот, и непрестајно се моли за душите наши.

Нека воскресне Бог, и нека се распрснат непријателите Негови, и нека бегаат од лицето Негово оние што Го мразат. Нека исчезнат како што исчезнува чадот, како што се топи восокот на дофат на огнот; така нека загинат ѓаволите пред лицето на оние што Го љубат Бога и се осенуваат со крстниот знак, и што радосно говорат: Радувај се, пречесен и животворен Крсту Господов, кој ги прогонуваш ѓаволите со силата на распнатиот на тебе Господ наш Исус Христос, кој слезе во пеколот и ја сотре ѓаволската сила, и кој ни те дарува тебе, Крстот Свој чесен, за прогонување на секој противник. О пречесен и животворен Крсту Господов, помагај ми секогаш со светата Владичица, Дева Богородица, и со сите светии, вечно. Амин.

Потоа наместо отпуст:
Разреши, отпушти и прости ни ги Боже, согрешенијата наши волни и неволни, оние со збор и дело, оние во знаење и незнаење, оние во денот и ноќта, оние со ум и со помисла – сè ни прости како благ и човекољубив.

Потоа оваа молитва:
Прости, човекољубив Господи,на оние што нè мразат и нè навредуваат. Прави добро на оние што добро прават. На нашите браќа и сродници дарувај им го она што го бараат за своето спасение и живот вечен. Болните посети и подај им исцеление. Оние на море раководи ги. На патниците биди им сопатник. На православните христијани, соборец биди им. Подари простување на гревовите на оние што ни служат и што нè сакаат. Помилуј ги по Твојата голема милост оние што бараат од нас недостојните да се молиме за нив. Спомни си Господи, за починатите наши отци и браќа, и упокој ги каде што свети светлината на Твоето лице. Сети се, Господи, за заробените наши браќа, и избави ги од секоја неволја. Сети се, Господи, на оние што дарови принесуваат и добро прават во Твоите свети цркви, и подај им го она што го бараат за своето спасение и живот вечен. Сети се, Господи, и нас смирените и грешните и недостојните Твои слуги, и просвети го нашиот ум со светлината на Твоето знаење, и води нè по патеката на Твоите заповеди, со молитвите на Пречистата наша Владичица Богородица и Секогаш дева Марија, и на сите Твои Свети, зашто си благословен во сите векови. Амин.

Секојдневно исповедање на гревовите

Тебе, Господи Боже мој и Творче, во Света Троица единосуштен, славен и прославуван, во Отецот и Синот и Светиот Дух, ги исповедам гревовите што ги направив во текот на целиот мој живот, и секој час, и во сегашно време, и во минатите денови и ноќи, со дело, со збор, со мисла, прејадување, препивање, тајно јадење, празнословие, неволно расположение, мрзеливост, препирање, непослушност, оговарање, осудување, немарност, самољубие, алчност, скржавост, говорење невистина, нечесна заработка, лакомост, љубомора, завист, гнев, злопамтење, омраза, крадење, и со сите мои сетила: со вид, слух, мирис, вкус, допир, и со останатите мои гревови, како душевни, така и телесни, со кои Те разгневив Тебе, мојот Бог и Творец, и неправда му нанесов на мојот ближен. Жалејќи за сето тоа, се објавувам себеси виновен пред Тебе, мојот Бог, и имам желба да се покајам; само, Господи Боже мој, помогни ми, смирено Те молам со солзи, а минатите мои гревови прости ми ги со Твојата милост, и како благ и човекољубив, разреши ме од сите овие гревови што ги изложив пред Тебе.